1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Целиот регион е зависен од решението за Косово

Зоран Јордановски21 февруари 2007

Интервјуто со Гернот Ерлер, државен секретар во германското министерство за надворешни работи и претседател на Друштвото за Југоисточна Европа го водеше Зоран Јордановски

https://p.dw.com/p/Abz6
Гернот Ерлер
Гернот Ерлер

Господине Ерлер, би сакал прво да ве замолам за слушателите на Дојче Веле да ни кажете кои се целите на Друштвото за Југоситочна Европа?

Ерлер: “Друштвото за Југоисточна Европа е нејголемо германско научно и посредничко друштво за 14 земји на југоистокот на Европа. Ние имаме приближно 800 членови – од експерти, академици, новинари и други луѓе кои се занимаваат со тие 14 земји. Правиме конференции, симпозиуми, креираме политички концепти за подршка на работата на политиката. Имаме околу 20 експозитури, на пример на универзитети во Германија, кои фактички ги спроведуваат локалните програми за нашите експозитури. Со соопштенијата на Јјугоисточна Европа имаме орган преку кого известуваме за одредени тежишта на нашата работа, како и од нашите меѓународни конференции. Оттука, ние припаѓаме кон институциите кои во Германија дејствуваат политички-советодавно, но негуваат и интензивен сопствен живот во редовите на своите членови.„

Каде се изворите за финансирање на тие дејности?

Ерлер: „Имаме голема привилегија да добиваме таканаречема институционална подршка од Сојузната влада преку Министерството за надворешни работи. Покрај тоа, се разбира, имаме и придонеси од членството, но актуелните програми се се’ позависни од кооперација со други партнери, на пример Пактот за стабилност на Југоисточна Европа. Ние од самиот почеток ја поддржуваме неговата работа, затоа правевме и заеднички манифестации, но соработуваме и со други фондации, оти нашите тековни буџети беа кратени во изминатите години, па сме упатени на партнери за таква соработка кај спроведувањето големи меѓународни конференции.„

Но, и покрај тоа, постоењето на една ваква институција и подршката од страна на Сојузната влада зборува за интересот во Германија, во германската политика за регионот на Југоисточна Европа.

Ерлер:„Таков интерес несомнено постои и токму во изминатите години се разви многу интензивна соработка меѓу Друштвото за Југоисточна Европа и Министерството за надворешни работи, но и со Сојузното министерство за развојна помош и соработка и Сојузната влада во целост. Тоа е и во меѓузависност со тоа што и натаму имаме тежок, делумно и многу конфликтен развој во Југоисточна Европа. Не може ни оддалеку да се тврди дека сите проблеми се решени. Сосем актуелен е косовскиот проблем, решението за статусот што претстои и што доведе до безредија во регионот на Приштина и ја става политиката пред голем предизвик. Ние, на пример, во нашите редови имаме луѓе кои многу добро го познаваат регионот и поради тоа се барани за да дадат совети и да се негуваат односи, контакти, постојана размена на мислења, комуникација со политичари, но и со органите на цивилното општество од тој регион. Кога член на Друштвото, како сега македонскиот министер за надворешни работи, зборува на нашето годишно собрание, тоа е резултат на нашите долгогодишни лични многу интензивни контакти во регионот, кои пак се и од полза за германската политика.“

Значи, може да се зборува не само за врски, туку и за одредено влијание на Друштвото за Југоисточна Европа врз германската политика?

Ерлер:„Секако може така да се каже – и тоа влијание е посакувано од германската политика, што значи дека е познато оти во нашите редови собираме одредена експертиза. Ние сме баран пратнер за подготовка на политиката и поради тоа постојано на нашите конференции, на кои каниме да учествуваат претставници на политичкото водство од земјите од Југоисточна Европа, учествуваат и луѓе на одговорни функции во германската политика – од Министерството за надворешни работи, од различни министерства, каде многу се цени она што ние го нарекуваме медијација, што значи воспоставување врска меѓу оние што решаваат во политиката и оние што научно се занимаваат со тој регион.„

Вие доаѓате од политиката и би ве замолил за Вашето мислење за актуелната ситуација во Македонија.

Ерлер: „Ние штотуку имавме многу интересно излагање од македонскиот министер за надворешни работи, од кое јасно можеше да се почувствува колку е силен ангажманот на Македонија да организира добри односи со соседите. Ние знаеме дека тоа не беше секогаш многу едноставно, сеедно дали станува збор за Бугарија или Грција, каде ја имаме сеуште нерешената дискусија околу спорот со прашањето за името на Република Македонија. На друга страна јасно е и дека во внатрешниот развој во Македонија во моментов постои одредена потешкотија која произлегува оттаму што од минатата година има нова влада, еден многу млад премиер, многу млад министер за надворешни работи и нов партнер на албанска страна, ДПА, додека поголемата албанска партија ДУИ е во опозиција. На тоа место има потешкотии во кои, според набљудувањето на Европската комисија, е содржана и опасност да биде загрозен и под одредени околности да биде доведен под прашање неопходниот натамошен напредок во спроведувањето на реформската политика. Ние имаме голем интерес токму во време на такви тешки конфликти како по прашањето за статусот на Косово, да имаме стабилен развој внатре во Македонија, оти без него не е замислив натамошен развој на реформската политика. Македонија има посебна позиција меѓу земјите на Западен Балкан, оти со исклучок на Словениј , која од пред две години е членка на ЕУ и Хрватска со која се преговара за членство од октомври 2005-та, Македонија има повисок статус на земја-кандидат, навистина се’ уште без датум за почеток на конкретни преговори. Со тоа Македонија е веќе отидена понапред од земји како Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина или во иднина можеби и Косово, кои сеуште се во фаза на преговори за склучување Договори за стабилизација и асоцијација. Албанија има таков договор – на другите им претстои. Ние се надеваме дека Македонија таа повисока позиција што ја доби од Комисијата на ЕУ ќе ја оправда со добар внатрешен развој и натамошен ангажман кај реформите, кој, се разбира, претпоставува начелен консензус во политиката.„

Македонската влада ги поддржа плановите на Марти Ахтисари за Косово. Гледате ли некаква опасност за Македонија од идниот развој по прашањето за Косово?

Ерлер:„Начелно може да се каже дека целиот регион на Југоисточна Европа на одреден начин е зависен од решението за идниот статус на Косово. Знаеме дека без стабилна ситуација во Србија, која не е само географски земја во јадрото на регионот, всушност не е замислив стабилен развој во целиот регион. За целото албанско население, поделено во различни земји, се разбира, е важно барем приближно позитивно да може да се одговори и на прашањето за желбите и претставите што од пред многу години се градат на Косово. Значи, овде нема, така да речам, поединечна позиција на Македонија, а јасно е и дека од решението за иднината на Косово ќе има влијание врз земјата, која според пописот има 25 проценти албанско малцинство, веројатно дури и нешто поголемо, и во која добриот соживот меѓу словенските Македонци и албанските Македонци е предуслов за стабилност на целиот регион.„

Сметате ли воопшто дека тој соживот е загрозен?

Ерлер: „Не, во Македонија не гледам такво загрозување. За среќа, ја има таа основа со Охридскиот договор од август 2001-ва, патем речено договорот е едно од првите постигнувања на заедничката европска надворешна и безбедносна политика, откако, за жал, во 90-тите години не успеа да ги спречи 4-те крвави војни на Балканот, па Македонија засекогаш останува поврзана со историјата на европската безбедносна и надворешна политика. Охрабрувачка околност е што сите одговорни сили во Македонија се определуваат за спроведување на Охридскиот договор – иако постојано наново се прават потешкотии кај подробности - така да се каже, го признаваат како основа за политичка работа и во моментов побргу е проблем што има судири во рамките на албанската сцена во Македонија, зашто поголемата албанска партија има потешкотии да се помири со улогата на опозиција. Таму ја имаме и таа сосем специјална форма на заштита на малцинствата што се поврзува со името на Бадентер. Тоа е правилото дека секогаш мнозинство од малцинствата мора да даде согласност за законите, а тоа е тежок чин, оти помалата албанска партија ДПА е во коалиција со владеачката партија ВМРО ДПМНЕ – и всушност тоа е проблемот. Јас се надевам дека тој проблем набргу ќе биде надминат, за и натаму да може да остане ефикасна таа добра основа – Охридскиот договор.“

Дали внатрешната ситуација во Македонија, односно сегашната фаза во развојот и демократизацијата на земјата е единствената причина што Македонија и натаму чека на термин за преговори, или тука се рефлектираат и проблемите на ЕУ?

Ерлер:„Овде во никој случај не смее еднострано да се упати на причините. Се разбира, секој радо посакува да може да биде направен напредок во стабилизирањето на Македонија, но фактот дека во моментов Европската комисија сеуште е воздржана во однос на отворање постапка со наведување термин за почеток на преговорите побргу е во меѓузависност со генералниот развој на севкупниот европски интегративен процес. Не треба да заборавиме дека на 1-ви мај 2004-та го направивме тој огромен чекор од 15 на 25 членки, а сега пред неколку недели и со пристапувањето на Бугарија и Романија. Значи, кога во рок од 2 или 3 години една заедница нарасне од 15 на 27 членови, тогаш е јасно дека такво нешто не може да стане секојдневие за неколку недели, туку тоа проширување прво мора да биде совладано. На ова се надоврзува и дека Европа има проблеми со стопанскиот пораст, со работните места, со системите за социјално осигурување – не само во Германија, туку и во други земји, а некои и во јавноста велат дека е тоа во врска и со процесот на проширување на Унијата. Оттаму имаме скептичен развој во европската јавност за брзи натамошни чекори во проширувањето, се зборува и за настапување на појава на одредена замореност од проширувањето. Ние во Германија сме на мислење дека европскиот процес на интеграција во секој случај мора да продолжи – тоа е стави на сојузната влада - и државите на Западен Балкан овде имаат јасна перспектива. Македонија дури има и кандидатски статус, но веројатно прво ни е потребен одреден напредок во процесот на донесување европски устав, оти со право се укажува на тоа дека без согласност околу европски устав – веќе и само кај телата на Унијата, нивниот состав, комесарите - ќе се појават големи проблеми кај натамошните чекори на проширување и едноставно потребно ни е време за да го совладаме тој голем чекор на проширување, за потоа повторно да добиеме подобро политичко расположение за наредните чекори. Тоа е решавачкиот тек на работите, но се разбира, многу би помогнало кога би добиле добри вести од Македонија за внатрешниот развој.“

Може ли спорот со Грција околу името да биде проблем за Македонија на патот кон ЕУ?

Ерлер: „Тоа уште одамна е проблем, но ние и сега од господин Милошоски слушнавме дека всушност во моментов таму има еден сосем конструктивен пат и дека тоа прашање за името веќе нема толку големо значење колку порано, но тоа претпоставува и одредена готовност за кооперација од страна на Грција. Тука полагам врз интересот на Грција, која многу интензивно се ангажира и кај инветсирањето игра многу голема улога во Македонија, па мора да има интерес од еден стабилен сосед. Овде се повикани обете страни и господин Милошоски навести дека има и пат и готовност за изнаоѓање компромис.„

Германската сојузна влада, претпоставувам, не сакаше да се меша во тој спор, оти Бундестагот препорача Германија официјално да го употребува името Република Македонија, но владата одбива.

Ерлер: „Точно е, Бундестагот дејствуваше во тој поглед и зазема сосем јасен став, а меѓу другото и некои други земји – и трансатлантски, во меѓувреме се силни приврзеници за ставање крај на тој спор. Но, сосем е јасно дека германската влада овде не може да дејствува во смисла на заклучокот на Бундестагот, без да се изгради соодветно мислење во ЕУ, уште помалку за време на претседателствувањето со Унијата. Ние во моментов побргу сме насочени кон одговорност во вид на модерација, но ќе придонесеме за да не дојде до причини за попречување во прашањето за името, туку тој конфликт да се надмине колку што е можно побргу.„

Може ли ЕУ да изгради единствен став во однос на косовското прашање, или сепак има разлики во мислењата – се слуша за задршки кај Романците, Шпанците и така натаму?

Ерлер: „Основа на европската политика секогаш беше позицијата на Контакт-групата за Балканот, во која се застапени и Европејците. Тука се креирани раководните принципи кои Марти Ахтисари ги вгради во своето водење на преговорите – со целосна подршка од ЕУ. Ние многу жалиме што сега, на крајот, сеуште не е на дофат компромис по ова прашање. Заедничка европска позиција е подршка на дополнителните преговори што Ахтисари мора по 21-ви февруари да го води со обете страни – како со Белград, исто така и со Приштина. Ние едноставно сакаме да сториме се’, и покрај закоравените позиции со кои влегуваат во преговорите, сепак да дојдеме до компромис. Решението на ОН преку главите на засегнатите, може да биде легитимно само ако претходно сите можности да се дојде до компромис, до политичко решение со двата партнера, не доведат до резултат. Во сиве овие точки постои заедништво и јас се надевам дека тоа заедништво ќе продолжи и кога ќе дојде до тоа решение од Советот за безбедност. Но, во моментов решавачко е целото внимание да се насочи кон оваа последна фаза од преговорите.„