1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Целта на Србија е да одолговлекува со признавање на Косово“

Линдита Арапи
10 септември 2020

ЕУ предолго веруваше или беше измамувана од претседателот Вучиќ дека тој сепак би можел да потпише договор со Косово кој вклучува некоја форма признавање, вели во интервју за ДВ Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац.

https://p.dw.com/p/3iGPh
Belgien | Dialog Kosovo in Brüssel
Фотографија: EEAS

Дојче веле: Професоре Бибер, на Косово и во Албанија главно се поздравува договорот од Вашингтон како чекор кон целосна нормализација на односите меѓу двете држави. Какво е Вашето мислење?

Флоријан Бибер: Договорот не го гледам како голем чекор во ниеден правец, ни како сигнал за подобрување на односите или можно признавање на Косово. Содржински, договорот е многу тенок. За Косово е единствено можеби позитивен сигнал признавањето од страна на Израел, прво важно признавање во последно време, но ни тоа не е некој голем пробив. Останатите чекори кои се однесуваат на српско-косовските односи се од симболичка природа или се точки договорени пред повеќе месеци или години.

Германија и ЕУ се со сличен став, прилично се резервирани кон договорот. Дали ЕУ тоа воопшто го смета за договор или повеќе како список на желби?

Проблем е што во дијалогот на Србија и Косово во текот на речиси десет години, намерите, желбите или наводните спогодби се одвиваат на декларативно ниво. Тоа е и проблем на европското посредување – никогаш на хартија не е јасно запишано што и како треба да се направи, па при примената секогаш доаѓаше до кавги. Така, на пример, во Вашингтонскиот договор пак се споменува признавање на дипломи, иако тоа е договорено во Брисел уште пред многу години. Нема напредок, зашто интерпретациите им се препуштени на двете страни, а секоја тоа го прави на свој начин.

По Вашингтон, во Брисел стана збор за други теми како Заедницата на српски општини или прашањето за имотите. Дали сега ЕУ е принудена побрзо да влече потези?

Секако дека целиот обид на САД, именувањето на Гренел за посредниик и неговата иницијатива, го ставија Брисел под притисок за побрзо дејствување. И тие беа нешто побрзи, но би рекол, и натаму спори. Новиот состанок беше дел од новиот Бриселски процес, обид на Мирослав Лајчак дијалогот да биде спор, но структуриран. Тој не резултира, како американскиот потфат, со краткорочни декларации кои се потпишуваат на високо ниво, туку стреми да се занимава со важните прашања кои се уште отворени.

Како гледате на идејата на САД дека економијата може да донесе општо придвижување?

Скептичен сум, и тоа не само поради тоа што во Вашингтонскиот договор не видов многу нешто во поглед на економските врски. Економската соработка секако е позитивна, но не треба да се верува дека тоа нужно води кон политичко приближување. Би потсетил дека Грција со години беше најголем инвеститор во Северна Македонија, но без оглед на тесните економски врски, политичките тешкотии остануваа.

Florian Bieber Politologe Uni Graz
Флоријан Бибер, професор од ГрацФотографија: privat

Приштина останува при целта за меѓусебно признавање и сите чекори, како што велат, водат кон таа цел. За Србија пак тоа не е опција. Зошто тогаш таква реторика?

Двете страни имаат различни цели. Од разбирливи причини, признавањето од страна на Белград е главна косовска цел. За Србија е цел што подолго да пролонгира со признавањето и со дијалогот да добива на углед надвор. Србија може малку да добие со самото решение, освен од Европската унија или САД. Од српски агол, можеби тие бенефиции можат да се извлечат и без експлицитно признавање, додека во Косово сметаат дека тоа одбивање на Србија претставува вид на блокада.

Повеќе:

Србија - Косово: Позитивни сигнали од состанокот во Брисел

Прво да се договорат ЕУ и САД, па потоа Белград и Приштина?

Србија и Косово со посредство на Трамп ги нормализираа економските односи

Велите дека Белград одоговлекува со признавањето. Што може да го прекине тоа одолговлекување?

Тоа ќе се случи единствено ако се испостави дека тактиката на одолговлекување не може да служи вечно. Досега ЕУ недоволно критички ја посматраше таа тактика на Белград, верувајќи или бидувајќи измамена од претседателот Вучиќ, дека тој порано или подоцна можеби ќе потпише спогодба. Мислам дека ЕУ сега мора да испрати јасен сигнал дека мора да има договор кој вклучува де факто или де јуре признавање на Косово или пристапниот процес на Србија ќе биде ставен на мраз. Тоа би била јасна порака, оправдана и од тоа што состојбата на демократијата во Србија во последните години значително е влошена.

ЕУ предупредува поради најавеното преместување односно отворање амбасада во Ерусалим. Дали на овој начин Србија и Косово стигнаа во мелницата меѓу ЕУ и САД?

Тие на некој начин доброволно влегоа во таа мелница меѓу различни приоритети. Тоа за Србија не е ништо ново, истото е кога Србија има позиции меѓу ЕУ и Кина или меѓу ЕУ и Русија. Новост е што овојпат е во аранжман со САД. За Косово пак ова е нова ситуација, иако тоа досега беше ориентирано повеќе кон САД.

Би рекол дека преселбата на амбасадата во Ерусалим останува релевантно барање за Србија единствено ако Доналд Трамп ги добие изборите. Ако загуби, мотивацијата на Србија ќе биде помала. Зошто тогаш би ја селеле амбасадата? За Косово е поинаку, зашто Израел може да се закани со повлекување на признавањето на Косово ако амбасадата не биде преместена во Ерусалим.

Флоријан Бибер е луксембуршки политиколог и еден од најдобрите познавачи на Балканот од германското говорно подрачје. Тој е професор на Универзитетот во Грац, каде го води Центарот за студии за Југоисточна Европа. Пет години има работено во Европскиот центар за прашања на малцинствата во Белград и во Сараево. Како професор-гостин предава во Будимпешта, Болоња и Сараево, а држеше предавања и во Белград.