1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цензура преку убиство

3 мај 2005

Коментар на Миодраг Шориќ

https://p.dw.com/p/AcFp

Слободата на печатот и натаму е загрозена во голем број земји. Пред се во кризните региони за време на работата се уште гинат многу новинари, како што покажува најновиот извештај на организацијата „Репортери без граници„.

Постои несомнен знак за демократијата и правната сигурност во една земја: слободата на печатот. Државите во кои новинарите не смеат да пишуваат за неправилностите, не ги почитуваат ниту другите основни права. Во северна Кореја или Бурма, во Туркменистан или Белорусија, во Еритреја или Зимбабве, не се прогонуваат само новинарите, туку и мнозинството од населението е брутално потиснувано. Луѓето – или треба да зборуваме за чудовишта? – што ја водат политиката во овие земји, во никој случај не толерираат спротивставување, особено не јавно. Тие се одговорни што населението во нивните земји живее во страв, што економијата е на дното и што замира културниот живот. Во таква клима уживаат платените ракоплесакчи, додека новинарите немаат здив. Во годишниот извештај на „Репортери без граници„ по повод меѓународниот ден на слободата на печатот се обвинува што новинарите во кризните подрачја се повеќе гинат меѓу фронтовите. Примерот Ирак. Само таму во минатата година загинаа 19 новинари и 12 соработници на медиумите. Најчесто се убиени од терористички групи. Меѓутоа, не се прослави ниту американската армија: на нејзиното конто оди смртта на најмалку четворица преставници на медиумите.

Познато е дека вистината е првата жртва на секоја таква војна. Оттаму, не е чудно што Сејмур Херш на американските медиуми неодамна им префрли за љубезно новинарство. Херш претходно јавно објави како американската армија ги измачува ирачките затвореници во Абу Греиб. Тој информираше дека администрацијата на Буш го претпочита секој репортер што ја фали владата или барем не ја критикува премногу. А, САД се уште е држава во која новинарите уживаат во голема слобода. Но, таквата состојба не е дадена од Господ. Таа мора постојано да се брани, а понекогаш и да се извојува.

Луѓето од медиумите во Сирија, Саудиска Арабија, Алжир или Судан можат да сонуваат за американски состојби. Во овие земји новинарите што пишуваат за неправилности, дневно се напаѓаат, се сослушуваат или ги фрлаат во затвор. Во Иран новинарите кои бараат реформи, рутински ги апсат. И тоа се наоѓа во годишниот извештај на „Репортери без граници„. Нивните приврзеници не можат да сметаат на тоа дека виновниците ќе бидат повикани на одговорност. Дипломатските иницијативи чија цел е да го зголемат угледот на Иран во светот, се од мала полза, се додека убијците на очигледно до смрт мачената новинарка Зара Каземи остануваат неказнети.

Најголемиот затвор за независните новинари се вика Кина. Се апсат репортерите кои известуваат за корупција или сива економија меѓу комунистичките функционери. Колку ги има никој точно не знае. Западните организации за човекови права ги знаат имињата на 26 затворени новинари. Сивата бројка веројатно е далеку поголема. На оваа трагична состојба западните политичари, меѓу нив и германскиот канцелар, и обрнуваат премало внимание.

Истото важи и за медуимската ситуација во Русија. Канцеларот Шредер се уште јавно не го критикувал рускиот претседател за тоа што шефот на Кремљ ги исклучи телевизиските програми што ја покриваа целата земја. Додека деспотите во централно-азиските држави, новинарите се уште ги третираат како продолжена рака на нивната власт, барем во Украина, ситуацијата на медиумите по „портокаловата револуција„ видливо се подобри.

Миодраг Шориќ