1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените на нафтата растат по договорот во ОПЕК

СН/ агенции
29 септември 2016

Под притисок на падот на цената на нафтата, државите членки на ОПЕК за првпат по цели осум години постигнаа согласност за намалување на производството на сурова нафта. Потоа цените на нафтата знаеја само една насока.

https://p.dw.com/p/2QiXF
Saudi-Arabien Energie Ölraffinerie
Фотографија: picture-alliance/dpa

Цените на нафтата денеска речиси и да можеа да го одржат силниот скок по согласноста постигната во ОПЕК за горна граница за експлоатацијата на нафта. Откако цените на американската нафта и Северноморската нафта претходната вечер пораснаа за повеќе од два долари, утрината повторно паднаа, но само за неколку центи. Барел (159 литри) од северноморската нафта Брент како последно чинеше 48,54 американски долари и со тоа 15 центи помалку од претходниот ден. Цената за барел американска нафта Вест Тексас Интермидијет падна само за четири центи на 47,01 долар.

Претставниците на членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) на дводневниот состанок во Алжир, синоќа се договорија за намалување на производството на нафта за да ги поткрепат цените на „црното злато“ кои повеќе од две години се на ниски нивоа поради преголемата понуда. Станува збор за прв таков договор од 2008 година, кој веднаш по објавувањето предизвика скок на цената за околу 5 насто. 

ОПЕК се договори, нафтата поскапе

Во ОПЕК се согласиле да го намалат производството на сурова нафта за 796.000 барели на ден, што значи дека ќе произведуваат 32,5  милиони барели дневно. Станува збор за количеството кое нафтениот картел го црпел во март, односно 32,47 милиони барели дневно, според податоците на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА). Во моментов инаку земјите од ОПЕК експлоатираат 33,4 милиони барели нафта на ден

Инаку станува збор за начелен договор за замрзнување на производството, а за деталите ќе се расправа на самитот на OПЕК во неговото седиште во австриската престолнина Виена, на 30-ти ноември.