1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

ЦИА-тортури во Литванија и Романија

ЖА / агенции
31 мај 2018

Европскиот суд за човекови права ги осуди Литванија и Романија за толерирање тајни затвори на ЦИА на своја територија. Тужители беа двајца затвореници од Гвантанамо.

https://p.dw.com/p/2yiQu
Europaeischer Gerichtshof für Menschenrechte Strassburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/w.Rothermel

Судиите од Стразбур меѓу другото на товар на Литванија и Романија ставаат „соучесништво во програмата на ЦИА за водење тајни затвори“, а во тие рамки „повеќекратни прекршувања на човековите права“. Надлежните власти во двете земји знаеле за постоењето на затворите и соработувале со американската тајна служба, свесни дека на тој начин ги кршат човековите права, аргументура Европскиот суд за човекови права. Судот расправаше по тужба на еден палестински апатрид и еден човек од Саудиска Арабија, кои во периодот од 2004. до 2006. година илегално биле задржани во „црните места“ на ЦИА во Литванија и Романија и таму биле подложувани на мачења. Во меѓувреме двајцата биле интернирани во контроверзниот американски логор на Куба, Гвантанамо.

Палестинецот бил осомничен од страна на САД за учество во планирањето на нападите врз Светскиот трговски центар во Њујорк на 11. септември 2001. година, а Саудиецот за извршување напади врз бродови.

Романија и Литванија, преку вклучувањето во спорната програма на ЦИА, ги прекршиле и одредбите против тортури, правото на слобода и безбедност на барателите на азил, како и правото на приватна сфера, пресуди Судот. Романија на едниот од тужителите треба му плати отштета од 100.000 евра, а Литванија на другиот 130.000 евра. И двете страни имаат право на жалба.

Во 2012 година, по тужба од  германскиот државјанин Калед Ел Масри, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Македонија прекршила неколку одредби од Европската конвенција за човекови права и ја задолжи земјата да му исплати отштета од 60 илјади евра на Ел Масри, што беше и сторено. ЦИА во 2014. година призна дека Ел Масри бил неправилно притворен и малтретиран.