1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Циркусот Шешељ“ продолжува

Џевад Сабљаковиќ/ Жана Ацеска3 декември 2014

Од моментот кога се врати во Белград, Шешељ со своите изјави пак ги расипува односите меѓу Србија и Хрватска. Хашкото обвинителство затоа бара негово враќање во Схевенинген, а случајот стана и политички проблем.

https://p.dw.com/p/1Dyhu
Фотографија: picture-alliance /EPA/A. CUKIC

Во поднесокот потпишан од главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц, уште во првата реченица се нагласува: „Однесувањето на Шешељ по враќањето во Србија ги поткопува основните одлуки на Советот, донесени на 6 ноември, за привремено пуштање на обвинетиот на слобода од хуманитарни причини“. Тие причини беа засновани на сериозното и опасно влошување на здравствената состојба на Шешељ. Но, како што се наведува во барањето за отповикување на одлуката, „сега е очигледно дека обвинетиот ја изневери довербата на Судскиот совет, изричито изјавувајќи оти нема да се врати во Трибуналот, а се покажа и оти здравствената состојба не го спречува во давање неприфатливи јавни изјави, предизвикувачки и навредливи за жртвите“. Значи, Обвинителството не можело без реакција да гледа како нивниот обвинет и натаму продолжува да го прави она за што и е подигнато обвинение против него.

Шешељ не прифаќа никакви услови

Судскиот совет, наместо долг список прописи на кои Шешељ мора да се придржува на привремена слобода, наложи минимални услови-да не влијае на сведоците и на жртвите и да се појави пред Судскиот совет кога ќе му биде наложено.

Шешељ уште во Схевенинген најави-нема да ги почитува ни тие минимални услови, а во Белград рече-во Хаг ќе се врати само со сила. Тоа, по завчерашното објавување на барањето на Трибуналот, го повтори и неговиот заменик Немања Шаровиќ: „Шешељ нема доброволно да се врати во Хаг, а за натамошните потези, треба да се прашаат претседателот Николиќ и премиерот Вучиќ“.

А тие двајцата веројатно потајно се надеваа оти нивниот некогашен партиски водач никогаш нема да излезе од Хаг. Уште повеќе, Белград никогаш не даде јасни гаранции за престојот на Шешељ на привремена слобода, без што не беше ни можно привремено пуштање на обвинет од Схевенинген. Во сите одговори на барањето за гаранции, Расим Љајиќ, кому во неколку влади му беа надлежност односите со Хашкиот трибунал, нагласуваше-Белград ќе даде гаранции ако Хаг потврди дека Шешељ ќе ги почитува поставените услови за престој на привремена слобода. Хашкиот трибунал не даде такви гаранции, конкретната улога на Белград остана целосно нејасна, а Шешељ беше пуштен. Во сето тоа има (обострана) неискреност, неодреденост и нејаснотии, а првенствено меѓусебно префрлање на одговорноста.

Притоа, Шешељ во тоа беше единствен прецизен: не прифаќа гаранции на „предавничкиот, прозападен режим во Белград“, ниту ќе се придржува на она што го бара Хашкиот трибунал. И, што се случи? Беше пуштен и без едниот и без другиот услов и само што стапна со нога на белградскиот аеродром, со своите искази ги загрози српско-хрватските односи! А потоа со неговата памфлетска реторика се занимаваа и Европскиот парламент и хрватскиот Сабор. #bbi

Проблемот Шешељ вратен на Балканот

Својот проблем со Шешељ Судскиот совет на чело со францускиот судија Жан-Клод Антонети го пренесе онаму каде и што беше првично-на Балканот. Естрадно-памфлетските настапи на лидерот на српските радикали, полни омраза, закани, навреди на жртвите и народите и целата „ретро“ реторика, поради која се влошени односите Загреб-Белград, сето тоа помалку или повеќе веќе можеше да се чуе во судницата на Хашкиот трибунал и тоа во повеќе наврати. И- никому ништо. Зашто, никој и ништо не може да и‘ застане на пат на неговата вербална реторика: ни власта, ни полицијата, ни судовите, ни културата, ни елементарната пристојност, ни господ, ни светот. А сето она што кога и да било го изговорил или напишал, тој го собра во 150 книги, собрани дела во издание на неговата партија. Го чита ли некој тоа? Ако од шовинистичките изливи и идеологијата на големосрпство лидерот на српските радикали во 11 години хашко заточеништво имал волја да направи 150 собирштини, кој има отповеќе време тоа да го чита, ако не е член на Српската радикална партија? А сето она што го напиша и неуморно го зборува, може да се резимира во неколку реченици, чиј заеднички именител би бил незгасната, безизлезна и безизгледна национална омраза и грдиот сон за супериорна Голема Србија и онаа линија Карлобаг-Вировитица, што никој, ни најзакоравените националисти, ако не се членови на СРС, веќе не ги земаат за сериозно.

Шешељ во Хаг, Шешељ од Хаг, Шешељ во Хаг

Завчерашниот поднесок на Хашкиот трибунал е логичен и очекуван потег: обвинетиот не се придржува на ниеден услов на останувањето на привремена слобода и шири расна и национална омраза, исто како и порано. Обвинителството бара Судскиот совет да ја отповика својата одлука, а кога обвинетиот повторно се најде во притвор, ОН да закаже расправа за условите под кои во иднина би се донела одлука за евентуално пуштање на привремена слобода. Освен тоа, заканите на Шешељ кон луѓето кои соработуваат со Трибуналот, се наведува во барањето, претставуваат кршење на условите за привремено ослободување, зашто го реметат правосудниот процес.

Во Хашкиот трибунал се‘ оди бавно. Според процедурата, треба да следи разгледување на оправданоста на барањето на Обвинителството, па потоа расправа за прифаќање. Којзнае дали ќе биде донесена било каква одлука до зимскиот судски распуст, кој почнува за 20-тина дена. А кој и како би ја спровел одлуката во случај Шешељ да треба да биде вратен во Хаг, никој не знае. За тоа време обвинетиот нема да молчи. Додуша, нема да молчи ни ако го вратат во Хаг. Практично, тешко дека нешто ќе се смени околу Шешељ, а тој сигурно нема да се промени. Дури и кога сенегалскиот судија Мандиаје Нианг, именуван на местото на Данецот Фредерик Хархоф, суспендиран на барање на Шешељ, ќе го проучи целото судење и Советот ќе донесе пресуда, Шешељ ќе ги продолжи своите памфлетски пресметки и ќе настојува да ги наруши и влоши сите односи меѓу државите на Балканот.

„Циркусот околу Шешељ продолжува“, изјави претседателот на Националниот совет на Србија за односи со Хашкиот трибунал, Расим Љајиќ откако беше обелоденето барањето на Хашкото обвинителство. Дали по повод овој циркус треба да се носат резолуции и декларации на највисоки европски и државни институции?