1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски бара поддршка од Берлин за датум за преговори

Силвера Падори-Кленке22 ноември 2012

Шефот на македонските социјалдемократи Бранко Црвенковски во Берлин доби декларативна потврда дека Германија посакува Македонија да ги започне пристапните приговори, но не и одлучност дека ќе се влијае врз Грција

https://p.dw.com/p/16o3R
Фотографија: DW

„Германија во основа барем декларативно посакува Македонија успешно да го продолжи европскиот интегративен процес и да ги започне пристапните преговори! Но, не слушнавме јасна и цврста одлука, или решеност подлабоко да се инволвира во проблематика и да повлијае во декември да не се повтори истото сценарио како изминативе години“, изјави за ДВ Бранко Црвенковски кој три дена е гостин на германските социјалдемократи и Фондацијата Фридрих Еберт.
На днешениот работен појадок со пратеници на Бундестагот во Берлин, Црвенковски се осврна на декемврискиот самит на Европскиот совет, очекувањата од него, а ги слушна и позициите на Германија во врска со почестокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Ута Цапф, долгогодишен член на германскиот Парламент и активен набљудувач на регионот подвлече дека во моментов големите играчи во Унијата како Берлин и Париз, повеќе се преокупирани со финансиската криза отколку со проширувањето. Оваа тема во смисол на европските перспективи кои беа ветени на самитот во Солун, социјалдемократите ја реактуелизирале во Бундестагот.

Без уцени, но со масивен притисок!

Со оглед што последната четврта препорака на Европската комисија за Македонија е квалитативно поразлична од претходните и дава можност за почеток на пристапните преговори и решавање на спорот околу името во раната фаза од процесот Ута Цапф побара поконкретен ангажман за надминување на блокадата:
„Доколку навистина сериозно размислување околу проширувањето со земјите од Западниот Балкан, би прашала зошто тогаш Европската унија не се обиде масивно да притисне врз Грција. Не мислам да уценува но треба да им каже – направете некаков компромис околу спорот со името со Македонија, самите имате проблеми, и вам ви треба солидарност. Ова лично би го очекувала од Европа, но за жал такво нешто не гледам иако сметам дека во разговорите со Грција за ова морам, макар и од позадина, да се влијае“, подвлече Ута Цапф на средбата со Црвенковски.
И социјалдемократот Дитмар Нитан кој учествуваше на разговорите
потсети дека Европската унија не може континуирано за своите проблеми, па и за проширувањето да бара помош од „големиот брат“. Америка нема повеќе време за европските проблеми, што значи Унијата мора самата да се погрижи за нивно решавање. Тој смета меѓутоа дека многу шефови на Влади и држави ја изгубиле смелоста за политичко лидерство, и ова особено се однесува кога се во прашање одлуките околу проширувањето со земјите од Западниот Балкан.
Што ќе донесе декемврискиот самит на Европскиот совет и ќе бидат ли отворени пристапните преговори со Македонија германските социјалдемократи не сакаат да прогнозираат. Велат, не се пророци, но големо значење и даваат на порепораката од Комисијата. Бранко Црвенковски, пак, за македонската програма на ДВ вели дека реприза на блокадата по четврти пат ќе значи де факто замрзнување на една состојба која сите ја имаа прогласено за привремена.
„Опасно е кога привременото станало трајно, и оваа блокада не е на одреден период, туку е нешто што може да стане наше секојдневие и да не речам иднина за подолго време која ќе предизвика разочарување, сериозни проблеми на економски и социјален план и натамошно затегнување на меѓуетничките односи. Ова последново претставува ризик кој не смее да се потцени имајќи предвид дека по однос на членството во ЕУ постои висок процент на согласност, наспроти односот кон спорот со Грија каде има огромна диспропорција во изјаснувањето на граѓаните Македонци и Албанци. Затоа сметам дека успешното интегрирање кон Брисел значи и поголемо интегрирање на внатрешен план во Македонија и обратно – поголемиот застој ќе предизвика трензии на меѓуетнички внатрешен план“, оцени за Дојче веле лидерот на македонските социјалдемократи Бранко Црвенковски.

Makedonien auf dem Weg in die EU
Ако сериозно се размислува за проширувањето, зошто ЕУ не побара компромис од Грција?, праша Ута Цапф (СПД)Фотографија: DW