1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски на конференција на УНЕСКО во Париз

Тони Гламчевски22 октомври 2007

Пред 34-та Генерaлна Конференција на УНЕСКО во Париз, претсeдателот на Македонија, Бранко Црвенковски ги претстави заложбите на земјата во исполнувањето на целите на организацијата.

https://p.dw.com/p/BtTL
Црвенковски на конференцијата на УНЕСКОФотографија: TONI GLAMCEVSKI

Бранко Црвенковски е првиот претседател на Република Македонија, кој ја имаше честа да и‘ се обрати на Генералната конференција на УНЕСКО.

Организација на која една од главните задачи е „Образование за сите до 2015 година“, односно секој маж, жена и секое дете да научи да чита и пишува.

„Во Република Македонија, основното и средното образование се обврска за секој млад член на нашата заедница. Со достапноста до соодветно учење и до програмите за животното определување преку стручно образование, Република Македонија станува компатибилна со стандардите за образование на развиените земји“, рече претседателот Црвенковски на говорницата на УНЕСКО.

Тој ја нагласи важноста и активностите на земјата во рамките на дијалогот на цивилизации, како пример за начинот на кој е неопходно да комуницираат држави со различни цивилизации и култури. Една од конкретните реализации на регионалната соработка е и Центарот за дигитализација на културното наследство на Југоисточна Европа, кој ќе биде отворен до крајот на оваа година.

Според Црвенковски, Република Македонија го прифати предизвикот да биде лидер во регионот за информатичките и комуникациските технологии.

Со вклучувањето на Македонија во оваа глобална тендеција, смета Црвенковски ќе се придонесе за подобрување на нејзиниот социо-економски прогрес.

Црвенковски со конкретна инцијатива

„ Големите водни потенцијали со кои располага Македонија како и проблемот со питката вода кој веќе се појавува како глобален проблем, не инспирираат за една иницијатива која ќе се обидеме да ја финализираме до следната Генерална конференција. Се работи за предлог за основање на УНЕСКО Центар од Категорија 2 за образование и истражување од областа на водените ресурси“, образложи Црвенковски.

Македонскиот претседател претходно инсистираше токму на значењето и потенцијалите на Охрид и Охридското езеро, заштитени од УНЕСКО.

На учесниците на 34-та Генерална конференција на УНЕСКО Бранко Црвенковски им порача: „Очекувам од учесниците на оваа 34-та Генерална Конференција на УНЕСКО, сите да дадат несебичен придонес за трасирање на следните јасни чекори на кој ќе се зацврсти надежта кај секој жител на планетата - дека самиот станува актиевн креатор на својата поубава иднина.“

Вечерва македонскиот претседател во Амбасадата на Република Македонија во Париз, на свечената церемонија ќе треба да му го врачи орденот 8 септември, на францускиот сенатор, Роберт Бадинтер.