1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски: Не е проблем демократијата во СДСМ туку недемократијата во Македонија

27 октомври 2011

Не сум вечен, но останувам на чело на партијата до следниот конгрес, вели во интервју за Дојче веле претседателот на опозицискиот СДСМ Бранко Црвенковски. Тој тврди дека внатре во партијата се практикува демократија.

https://p.dw.com/p/12zXi
Бранко Црвенковски говори на конгресот на СДСМ на кој повторно беше избран за шеф на партијатаФотографија: MIA

Дојче веле: Господине Црвенковски во кој правец се движи Македонија? Зафаќа нов курс или засилениот евроскептицизам е само моментална фаза?

Бранко Црвенковски: Државата продолжува да се движи во погрешен правец, велам продолжува, бидејќи таа тој погрешен правец го имаше и до неодамна, овој пат само се радикализираат тие погрешни политики и тоа по неколку клучни прашања. Прво на планот на евроатланските интеграции, всушност кога ќе ги спомнеме како термин евроатланските интеграции ние зборуваме за иднината на земјата. Ние никогаш не сме биле подалеку од остарувањето на тие цели и посакувана иднина за најголемиот дел од граѓаните на РМ. Влеговме по извештајот на Европската комисија изјавите, интервјуата на премиерот Груевски, во фаза на конфронтација со меѓународната заедница, пред се’ со Европската унија, но би рекол и со Вашингтон.

Втора работа е на планот на економските политики, продолжува популизмот на оваа власт, продолжува политиката на погрешни приоритети. Македонија има лимитирани финансиски ресурси, но, и тие ги троши на погрешен начин, најчесто на непродуктивни проекти.

Трета работа е на планот на демократијата, уназадувањето станува се’ повидливо. Не се почитуваат законите подеднакво за сите, правната држава е руинирана, слободата на јавно изразување е на најниски можни гранки во споредба со кој било период досега. Значи Македонија оди во погрешен правец и за жал она што морам да го констатирам, состојбите денес нечинат, но, ќе стануваат уште полоши.

Mazedonien Wahlen 2011
Црвенковски за време на гласањето на последните парламентарни избори во МакедонијаФотографија: MIA

Набројавте повеќе критични точки, на кој план Македонија денес е најслаба, најранлива?

Бранко Црвенковски: За жал не постои една најлоша, постојат повеќе лоши или најлоши точки, огромната невработеност и сиромаштијата се една од најболните точки, уназадувањето на демократијата е втората точка и губењето на јасната евроатланска перспектива е третата точка. Морам да ги споменам сите бидејќи се меѓусебно поврзани. Вие не можете да очекувате во земја каде се гуши демократијата сериозна и квалитетна дебата која ќе понуди подобри решенија или ќе осмисли стратегија за иднината на земјата или ќе привлече странски инвестиции со кои што ќе се подобрат социјалните и економски состојби.

Наспроти бројните критики, што ги упатувате на адреса на власта, отсуствува опозициско делување. Граѓаните немаат чуство дека СДСМ нуди нешто различно, нешто подобро од ВМРО ДПМНЕ. Се согласувате со ваквиот впечаток?

Бранко Црвенковски: Не, јас мислам дека тој впечаток кој што постои се должи на нешто сосема друго. Во една нормална демократска држава, клучната или најважна политичка битка се води во парламентот. Таму се соочуваат аргументите на мнозинството и на опозицијата. Ако погледнеме од тој аспект јас тврдам дека во Собранието опозицијата е поактивна и поаргументирана од кога било досега. Сите дебати околу која било од клучните точки во изминатите месеци беа добиени од страна на опозицијата, се разбира на крајот со бројот на гласови, со употреба на парламентарното мнозинство, одлуките беа донесувани такви какви што Груевски или власта сакаат. Но, јавноста имаше можност да види една жестока аргументирана битка што ја води опозицијата. Тоа што таквиот тип на политичко делување не е доволно говори дека Македонија не е нормална демократска држава. Јас сум свесен и често пати се соочувам со тие критики дека партијата треба да биде поагресивна, поактивна. Често пати слушам: ’излезете на улица, протестирајте, организирајте масовни собири’, меѓутоа да не заборавиме се наоѓаме на само 4 -5 месеци по одржување на парламентарните избори, не се поминати ниту стоте дена на оваа старо-нова влада. Така што не е работата дали СДСМ може да организира протестни собири туку тогаш кога ќе ги организира да биде поддржана не од одреден процент на граѓани туку од мнозински процент на граѓани. За да се случи тоа мора да бидат исцрпени сите можности за политичка битка во Собранието, со јавни настапи, со прес конференции и изјави граѓаните да се уверат дека тоа веќе не вродува со плод од аспект на корекција на владините политики.

Leader der SDSM Branko Crvenkovski nach der Wahlniederlage
Лидерот на СДСМ по изборниот пораз во јули годинаваФотографија: Agentur MIA

Ако власта оневозможува демократија во институциите, ќе добие демократија на улиците и ние сме подготвени и за таа фаза, рековте неодамна. Зошто раководсвотото на СДСМ не практикува демократија внатре во партијата?

Бранко Црвенковски: Јас ви тврдам дека и по начинот на дејствување и по статутарните одредби СДСМ е една од најдемократските партии во Македонија, во однос на ВМРО ДПМНЕ неспоредливо подемократска партија. Ќе ви дадам за пример неколку илустрации. Нашиот статус вели, и тој се почитува, дека ако за која било одлука една третина од членовите на органот не дадат поддршка, таа одлука не е донесена, ќе се разгледува повторно. Листите за кандидати на пратеници во себе содржеа само имиња предложени од страна на општинските организации, од базата. Централното раководство ја испочитува нивната волја. Во СДСМ има внатрешна демократија и тврдам дека тоа не е клучниот проблем, клучниот проблем е тоа што нема демократија во државата. Денес се соочуваме со еден недемократски режим и проблемот на оваа земја и на овој народ е како да се смени тоа, или преку притисок власта да ја корегира политиката или на крајот сите да заклучиме дека е неопходно да се смени самата власт.

За сите кои ја критикуваат СДСМ тврдите дека кокетираат со власта?

Бранко Црвенковски: Не тоа не е точно и тоа никогаш не сум го кажал. Напротив мислам дека голем дел од забелешките и критиките доаѓаат од луѓе кои што токму заради огромната загриженост од владините политики се обидуваат да ја мотивираат или натераат опозицијата да биде поактивна и таквите критики се добредојдени и ние сериозно ги разгледуваме. На крајот сепак мора да водиме сметка дека целокупната одговорност за нашите политички одлуки ги носи раководството на самата партија. Апсолутно не се сомневам дека голем дел од тие критики се добронамерни, но точно е дека има критичари кои тоа го прават не само по нарачка на власта, туку и како свој сопствен избор на тој начин да и се додворат на власта. И тие стануваат видливи. Македонија е мала земја, секој за секого има доволно информации да разликува кој е кој и што е што.

Wahlen in Mazedonien
Црвенковски верува дека СДСМ ќе победи на наредните избориФотографија: DW

На кого конкретно мислите?

Бранко Црвенковски: Јас не би сакал сега да именувам некого. Има на пример владини или провладини медиуми кои дежурна тема сакаат да наметнат да биде опозицијата, а не власта. Тука неможам, а да не заклучам, дека се работи за еден нарачан или по сопствен избор проценет концепт како да и се помогне на власта или како да се дефокусира јавноста од вистинските теми во општеството.

Се’ погласни се Бучковски, Спасов, а се огласи и младината со барањето за реформа на СДСМ. Нивната заедничка оценка е дека партијата денес не се сериозна алтернатива за владеењето на ВМРО ДПМНЕ. Што мислите Вие?

Бранко Црвенковски: Прво околу реформите во СДСМ. Тврдам дека во изминатите две години се направени најкрупните реформи од формирањето на СДСМ. На програмски план, партијата донесе нова програма „Решенија за Македонија“, врз основа на која излезе изборната програма која е сосема иновирана и соодветна на проблемите во општеството. Трета работа во кадровска смисла. Околу 85 до 90 проценти од членовите на највисоките органи за првпат станаа членови на тие органи. Се направи кадровска реформа, подмладување во партијата. Реформите не запираат, ние сме отворени за секоја идеја, ако заклучиме дека од тоа може да се роди нов квалитет или напредок во функционирањето на партијата без сомнение ќе го прифатиме тоа. Друго прашање е дали е легитимно и коректно, членови на партијата своите идеи наместо да ги отвораат во партијата, да ги отвараат во јавноста, наместо да ги користат механизмите што ги нуди партијата.

Власта бара изговор во Црвенковски за се’ што не чини во државата. Ако се повлечете ќе ја поштедите партијата од незаслужени критики. Планирате ли да го сторите тоа?

Бранко Црвенковски: Се разбира дека не сум вечен, ниту имам намера да останам вечно на оваа позиција. На конгресот во Битола веднаш по изборите на тајно гласање беше изгласана доверба не само за мене, туку и за органите на партијата, и ние ќе продолжиме да ја вршиме таа работа се’ до следниот конгрес во мај 2013. Што се однесува до тезата во вашето прашање сакам да ве потсетам дека пет години јас не бев во партијата, бев претседател на државата, и тогаш власта, односно ВМРО ДПМНЕ наоѓаше милион прични да го критикува СДСМ и тоа беше период во кој се врзаа неколку последователни порази. Токму поради тие порази се вратив во партијата. На изборите во 2008 партијата освои 220 илјади гласа, на 5 јуни годинава СДСМ освои 370 илјади гласови. Тоа е сериозен напредок. Некој ќе рече недоволен, се согласувам не победивме. Меѓутоа за две години успеавме да ја кренеме партијата и да дојдеме до еден навистина завиден резултат кој говори дека курсот е во ред и дека треба да се продолжи со процесот на јакнење и консолидирање на партијата и подготовка за следните изборни соочувања.

Кога според Вашите планови и прогнози и како, со кои механизми СДСМ ќе се врати на власт, во услови кога поголемиот број медиуми се под контрола на власта?

Бранко Црвенковски: Тоа што најголем број од медиумите се под контрола на власта говори за тоа каква демократија сме, односно каква недемократија владее во Македонија. Се разбира дека тоа ја отежнува битката не само на политичката опозиција туку на целокупното општество. Се’ е поклопено, се’ е под контрола. Но, ние ги знаеме примерите и од нашето соседство и пошироко во светот дека и таквите недемоктатски режими на крајот губат и во зависност од степенот на недемократија зависи начинот на губење на власта и цената што ќе ја платат властодршците. Кога ќе бидеме подготвени за победа? Локалните избори се во март 2013 година, ние веќе на тие избори ќе одиме на победа, верувам дека со изборниот резултат ќе се отвори можноста за победа и на парламентарните избори било кога и да се случат во редовен или предвремен рок.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска