1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски со писмо до Иванов

ЕМФ13 април 2016

Поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски му упати писмо на актуелниот претседател Иванов во кое бара бришење од списокот на помилувани, затоа што против него „не се води никаква постапка“.

https://p.dw.com/p/1IUfC
Фотографија: MAKFAX

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски во јавно писмо му порача на актуелниот претседател Ѓорге Иванов дека донел „антидемократска, антиправна и антидржавна одлука“.

„Одлука која по својата содржина, но уште повеќе и по својата намера е срамна и спротивна на здравиот разум. Иако од ваша страна не може ништо да ме изненади, сепак бев вчудоневиден кога таму го видов и моето име и презиме“, наведува Црвенковски.

„Ниту има било каква основа за такво нешто (против мене не се води било каква постапка), но што е уште поважно, ниту од вас ниту од било кој друг, ниту барам ниту прифаќам било какво помилување. Од тука ве повикувам под итно да ја измените одлуката и да го избришете моето име и презиме од неа. Со вас и со тие зад вас, да зависеа работите од мене, ниту нешто ќе се преговараше ниту нешто од вас ќе се очекуваше. Одамна ќе се видевме на различни страни од барикадите на клучната средба на нашиот народ со својата судбина. Се надевам дека и сите останати чии имиња се споменати во оваа ваша скандалозна одлука со индигнација ќе ја одбијат оваа ваша 'милост' и ќе покажат барем трошка морал и достоинство.“

Инаку, и лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера на прес-конференција изјави дека не сака да биде аболициран или помилуван: „Ниту барав, ниту прифаќам амнестија. Не сме сите исти и не сме сите криминалци! Јас сум невин и својата невиност сакам да ја докажам на суд, низ соодветна процедура“, рече Заев.