1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски се повлекува од кормилото на СДСМ

Катерина Блажевска 26 април 2013

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски синоќа пред Централниот одбор на партијата најавил дека нема да се кандидира за нов мандат. Одлуката за неговиот наследник ќе биде донесена на 2 јуни на партискиот Конгрес

https://p.dw.com/p/18NbB
Фотографија: MAKFAX

Нема да се кандидирам за претседател на СДСМ на следниот конгрес, соопштил лидерот на партијата Бранко Црвенковски на вчерашната седница на партискиот Централен одбор. Во говор, кој според неговите сопартијци бил искрен и емотивен, Црвенковски детално ги образложил мотивите за својата одлука.

Потпретседателот на партијата, Зоран Јовановски, вели дека на синоќешната седница на ЦО биле донесени неколку одлуки.

„Беше донесена одлука Конгресот на партијата да се одржи на 2 јуни, а беа донесени уште неколку одлуки кои ги дефинираат деталите, процедурите и роковите во постапката за избор на претседател на СДСМ за наредниот четиригодишен мандат и за членови за другите партиски органи", објаснува Јовановски.

Тој потенцира дека се неточни тврдењата дека Црвенковски си поднел оставка.

„Неговиот четиригодишен мандат завршува речиси во деновите на Конгресот. Тој не даде оставка на овој мандат, туку најави дека нема да се кандидира за нов", вели Јовановски.

На седницата на ЦО била нагласена потребата целата изборна постапка да биде транспарентна и да се одвива во фер и демократска атмосфера, како најважен услов партијата да го зачува единството и по Конгресот да излезе посилна и пообединета.

Практично, од денеска почнуваат роковите за самокандидирање и кандидирање преку партијата. Засега, како извесни кандидати се спомнуваат

сегашните потпретседатели на партијата- Зоран Заев и Зоран Јовановски, но и Игор Ивановски, а извори во партијата не исклучуваат дека бројот на кандидати во следниот период може да се збогати и со други имиња.