1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Решението е во дијалог?

Зоран Арбутина
17 јануари 2020

Кому му припаѓаат црковните добра во Црна Гора? За ова прашање со недели пламти правен и политички конфликт. Добри аргументи имаат и двете страни. Какво може да биде решението?

https://p.dw.com/p/3WLNe
Montenegro Proteste gegen umstrittenes Kirchengesetz in Podgoria
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Vujovic

Клучна одредба на новиот Закон за слобода на вероисповед е онаа што се однесува на прашањето на црковниот имот во Црна Гора. Значи на прв поглед, станува збор за правен спор: кој е сопственик на имотот и недвижностите кои  во Црна Гора ги користи Српската православна црква (СПЦ).

Додека поборниците на законот веруваат дека сето она за што Црквата не може правилно да докаже дека ѝ припаѓало како имот пред 1918 година,  автоматски станува државна сопственост, противниците тврдат дека станува збор за добра кои ѝ  биле дадени или делумно донирани на СПЦ уште во средниот век, па затоа е илузорно сега да се бараат некакви изводи од катастарските книги.

Кому му припаѓа што?

Формално, тука станува збор за оправдана намера на црногорската држава, според Лазарос Милиопулос, политиколог на универзитетот во Бон и експерт за православие - потребно е да се знае што кому  му припаѓа. „Но, не само во Црна Гора, туку и во други земји во Југоисточна Европа, како што е Грција, понекогаш е многу тешко да се докаже сопственоста. Честопати ова се подароци, а потврдите веќе ги нема“.

Притоа, вели Милиопулос во интервју за ДВ, „црногорската влада не тврди дека таа е сопственик, туку сака да ги разјасни сопственичките односи меѓу државата, Црногорската православна црква (ЦПЦ) и Српската православна црква.“ Ова, нагласува тој, е вообичаено како во другите земји од Југоисточна Европа, во кои функционираат православни цркви, така и на Запад. Доколку пак дојде до национализација на црковниот имот, тоа не е можно без отштета: „Не е можно без компензација едноставно да се одземе сопственоста на Црквата, доколку се сака да се остане во рамките на правната држава. Тоа не би било во согласност со европските правни норми “.

Deutschland Lazaros Miliopoulos
Лазарос Милиопулос, политиколог од БонФотографија: Privat

Бремето на историјата

Важна улога во сето тоа игра и историската димензија. Во моментов во Црна Гора постојат две православни цркви. Од една страна е Митрополијата црногорско-приморска, која е дел од СПЦ со патријаршија во Белград. Таа е канонски призната. Од друга страна во 1993 година е основана Црногорската православна црква (ЦПЦ). Таа, гледано од перспектива на канонските правила, не е призната како автокефална, значи како самостојна, но таа меѓутоа има поддршка од црногорската држава. „Се добива впечаток дека (со овој закон) Владата поддржува една црква која од перспектива на целокупното православие е шизматска црква“, вели Милиопулос.

Повеќе на темата:

-Црна Гора: Идентитет, вера, политика, пари

-Тензичен Божик во Црна Гора

-Тешки инциденти поради законот за вероисповед во Црна Гора

ЦПЦ за оправдување на својот стремеж кон самосталност се повикува на признатата автокефалност на Црногорската црква која е воспоставена за време на Османслиското царство, во 18 век, но е повторно загубена по основањето на Кралството Југославија во 1918 година. Тогаш оваа црква е повторно припоена со Српската православна црква, како митрополија во неа. И едната и другата црква се сметаат за наследници на Црногорската православна црква и полагаат право на добрата која таа ги поседувала. Фактичката ситуација денес е дека ЦПЦ засега врши служба во неколку капели на Цетиње и во една црква во Котор, но полага право на сите цркви и манастири на територијата на Црна Гора кои во моментов се во сопственост на СПЦ.

Држава, нација и црква

Прашањето за сопственоста е меѓутоа само една димензија од спорот. Втората е политичка: регулирањето на црквената сопственост е во функција на потврдата и одбраната на црногорскиот идентитет. Поборниците за посебност и самостојност на црногорската нација и држава, кои се наоѓаат како во редовите на владејачката партија на Мило Ѓукановиќ, така и во редовите на опозицијата, и' префрлаат на СПЦ дека го негира постоењето на Црногорците, а со тоа и на црногорската држава, и оти тврди дека сѐ се тоа Срби. Според нив, тоа е дел од големосрпската политика со која се диригира од Белград - како и седиштето на владата на Србија и седиштето на Партијаршијата на СПЦ. „Расправата по тоа прашање е расправа за едно од последните поглавја и последните прашања на референдумот за независнот од 2006 година“, изјави неодамна во разговорот за ДВ црногорскиот опозициски политичар Ранко Кривокапиќ.

Montenegro Auferstehungskathedrale in Podgorica
Фотографија: DW/R. Krackovic

Ова истовремено тежнеење кон црквена и национална самостојност го потврдува и Лазарос Милиопулос. „Кога станува збор за независноста на црногорската црква, тука политичките сили околу Ѓукановиќ имаа голема проактивна улога. А исто така и на друга страна: движењето за независнот на црквата е делумно многу политички и национално ориентирано.“  

Поврзувањето на црквата и на политиката за православието, особено во југоисточна Европа, не е меѓутоа некоја специфичност за Црна Гора, објаснува стручњакот. „Дека овие цркви секогаш се и национални цркви - тоа има историски корени. Во нив се собирал народот во времето на османското владеење. Тие биле некој вид политички институции на христијаните во Османлиското царство. Подоцна, во 10 и 20 век, оваа традиција се поврзала со националните и националистичките движња и оттука е создадена силна национална поврзаност на православните цркви. Тоа е така во Србија, исто како што е и во Романија, Бугарија или во Грција.„Тогаш тука секогаш постои и опасност од политичка инструментализација на црквата во национален смисол, нагласува Милиопулос. „Секогаш има националистички претерувања кога се влегува во политичката сфера.“ Така е и во случајот на Црна Гора, и тоа на девете страни. Додека едната страна го оспорува црногоскиот национален идентитет, кај другата во прашање со доведува канонскиот каратер на српската патријаршија, вели Милиопулос.

Доброволно или присилно   

Според мислењето на стручњакот за православие Лазарус Милиопулос, при утврдувањето на сопственоста пред меѓународните институции, пред сѐ пред Европскиот суд на правдата во Луксембург, „клучна улога игра одговорот на прашањето, дали во периодот меѓу 1918 и 1920 година, во време на основањето на Кралството Југославија, преносот на сопственоста на црногорската автокефална митропилија на Српската православна црква уследил доброволно или со закана на сила односно уцена.

Montenegro Podgorica | Protest der Orthodoxie gegen geplantes Gesetz
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Постојат документи кои потврдуваат дека митрополитот протестирал против тој пренос на сопственост, но постојат и документи од кои произлегува спротивното. Милиопулос е уверен оти на крајот тоа ќе биде пресудно во правен смисол, бидејќи „доколку би се покажало дека не е извршен притисок, тогаш секако останува легитимно полагањето на правата на СПЦ за сопственост“. Но, босанскиот политиколог додава, разјаснувањето на тоа прашање ќе биде многу долготраен процес.

Да се разговара

Сепак, погрешно е, смета политикологот, паушално да се тврди  дека СПЦ не го признава црногорскиот национален идентитет. „Постојат умерени и политички разумни гласови кои велат дека двете нивоа - црковното и политичкото - треба да бидат појасно одвоени едно од друго. Тие велат: ние не треба да се позиционираме политички на еден или друг начин, иако инсистираме на тоа да се почитува и прифати канонската јурисдикција “.

Во моментов, во црногорскиот спор, двете страни се вкопани на своите исклучиви позиции. Решението, меѓутоа, според Милиопулос,  треба да се бара во тоа „државата во некаква форма да седне на маса со обете цркви и да се обиде да го реши проблемот во дијалог, пред да се започне со колективизацијата, односно подржавување на црковните добра што се смета за нејасно“.