1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: не можевме да го спречиме Груевски

19 ноември 2018

Црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ вели дека неговата земја во случајот со експремиерот Груевски постапувала како и со секој друг граѓанин, и немало повреда на дипломатските протоколи

https://p.dw.com/p/38WuP
Außenministertreffen der Westbalkanstaaten in Sarajevo
Срѓан Дармановиќ, втор од левоФотографија: picture-alliance/AA/S. Yordamovic

Немаше никаков законски проблем за Никола Груевски да влезе или да ја напушти нашата држава, изјави денеска шефот на црногорската дипломатија Дармановиќ. Во неделата на 11 ноември, Груевски под закрилата на унгарски дипломати и со унгарско дипломатско возило, најпрво влегол на црногорска територија, а потоа оттаму се упатил кон Србија на преминот Добраково.
„Министерството во тоа немаше улога или надлежност. Во времето кога Груевски одлучил да побара азил и Унгарија се согласила да му го даде, тој не беше на потерница, ниту Македонија укажа дека прекршил некој закон. Надлежните црногорски органи постапуваа како и со секој друг граѓанин, тој бил во друштво на дипломат и немаше никаков законски проблем да влезе или да ја напушти земјата“, изјави Дармановиќ.

Во македонското МВР се уште се води внатрешна истрага за околностите на бегството на Груевски, а случај води и Јавното обвинителство. Од МВР денеска ги отфрлија шпекулациите во некои медиуми дека Груевски ја напуштил Будимпешта и се упатил на друга дестинација.
И македонското Министерство за правда се уште работи на комплетирање на документацијата со која треба да се побара екстрадиција на осудениот експремиер назад во земјата.

der mazedonische Premierminister Nikola Gruevski und der Premierminister von Montenegro, Milo Djukanovic
Груевски и Мило Ѓукановиќ во 2010 годинаФотографија: MIA

Дебати во Унгарија и Црна Гора
Во унгарскиот парламент денеска се водеше жестока дебата околу „случајот Груевски“. Опозицијата бараше одговори од владата зошто дозволила специјален третман за поранешниот македонски премиер. Одговорот од државниот секретар во премиерскиот кабинет, Балаш Орбан беше дека Груевски добил посебен третман затоа што 10 години бил премиер.

Во Црна Гора, политичкиот аналитичар Благоје Граховац ја критикуваше власта дека „требала да го спречи влегувањето на Груевски на своја територија“.
„Целиот регион знае дека против поранешниот македонски премиер се водат четири судски постапки за тешки кривични дела. Се знае и дека му се одземени патните исправи за да не може да оди во странство. Тоа го знаат и оние кои не се занимаваат со политика, а сигурно им е познато на оние кои треба да воспостават режим на безбедност во некоја држава“, вели Граховац.

„Претпоставувам дека црногорските претставници ќе се правдаат дека не сакале да му ја скратат слободата на движење. Така ќе зборуваат за да се заштитат и оправдаат себеси, но на Црна Гора ќе и биде нанесена штета“, вели црногорскиот аналитичар.