1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна листа на ЕУ за опасни производи

Кристоф Хаселбах / Елизабета Милошевска Фиданоска9 мај 2012

Еврокомесарот за заштита на потрошувачите Џон Дали во Брисел ја објави листата со најопасни производи за европските потрошувачи.

https://p.dw.com/p/14sDs
Фотографија: picture-alliance/dpa

2011-та година беше особено добра за безбедноста на производите во Европа, објави еврокомесарот за здравство и за заштита на потрошувачите Џон Дали. Националните служби за заштита на потрошувачите во текот на изминатата година 1.800 пати го вклучиле алармот преку европскиот систем за рано предупредување РАПЕКС. Од пазарот биле повлечени облека, играчки, автомобили, електрични апарати и козметика. Биле повлечени 20 проценти производи помалку отколку во 2010-та година, кога биле пријавени 2.250 случаи. Опасностите се движат од опасност од повреди, преку опасност од задушување, се‘ до електрошокови. Спектакуларен случај во изминатите години беше играчка мече со опасност од експлодирање. Оние што секогаш ги има на листата со опасни производи се електричните апарати кои почнуваат да се топат или се палат.

Подобри резултати, а помала контрола?

Намалените бројки за 2011-та година во основа можат да значат две работи - прво, дека на европскиот пазар имало помалку опасни производи или второ, дека службите за алармирање или потрошувачите биле помалку внимателни. Затоа и раководителката на европската организација за заштита на потрошувачите БЕУЦ Моник Гојен предупредува дека не треба да се биде самобендисан. Можно е, вели таа, некои држави, како во многу други сфери, да штеделе и во делот на заштита на потрошувачите: „Се надеваме дека намалувањето на бројките не се должи на помали контроли од страна на државата поради проблемите со буџетот“.

Bildergalerie Rapex Gefährliche Produkte Kosmetika
Од пазарот биле повлечени облека, играчки, автомобили, електрични апарати и козметикаФотографија: Fotolia

Пофалби за Кинезите

Комесарот Дали верува дека ползата од националните власти РАПЕКС е поголема отколку порано и дека квалитетот и употребливоста на вестите за опасни производи станале исто така подобри. Подобрена е и соработката со царинските власти, кои ги фаќаат опасните производи веднаш на границата.

Bildergalerie Rapex Gefährliche Produkte
Најголемиот број пријавени опасни производи, повеќе од 50 проценти, е стока која се увезува од КинаФотографија: picture-alliance/dpa

Најголемиот број пријавени опасни производи, односно повеќе од 50 проценти, е стока која се увезува од Кина. Тоа се должи пред се‘ на фактот дека Кина има голем удел во европскиот пазар на играчки и електрични апарати. Но, Дали ја нагласува исклучително подобрената соработка со Кинезите. Бројот на пријавени случаи за опасни производи од Кина е малку намален. Освен тоа, Кина се концентрира засилено на внатрешниот пазар. Во меѓувреме, вели Дали, и кинеските потрошувачи бараат квалитет: „Тоа е добро и за нас.“

И во Европа има црни овци

Но не сите црни овци се надвор од Европа. И во Европската унија има фирми кои се обидуваат да ги заобиколат европските безбедносни стандарди, се жали Дали. Во 2011-та година, од производите за кои бил вклучен аларам, една петтина биле европски. Меѓу нив имало и 43 германски производи.