1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

"Црн понеделник" во Багдад

27 октомври 2003
https://p.dw.com/p/AcSY

Багдад денеска го потресе до сега невидена серија атентати, чиј досегашен биланс е 21 загинати и повеќе десетици повредени лица. При најтешкиот од вкупно осум атнетати во ирачкиот главен град, една автомобил бомба беше активирана пред седиштето на Меѓународниот комитет на црвениот крст, единственмата меѓународна организација што не го напушти Ирак ни во време на нејтешките воени дејства. Бомбата монтирана во едно болничко возило уби 10 Ирачани, а уште 10 беа повредени. Нападот наиде на најостра осуда во меѓународната заедница, а членот на ирачкиот Преоден совет, Самир Сумаиди, оцени дека стнаува збор за намерна провокација на почетокот од месецот на постите, рамазан:

"Се чини дека оваа координирана терористичка кампања кореспондира со првиот ден од светиот месец Рамазан и има за цел да предизвика паника и чувство на потполна несигурност. Таа исто така се чини има за цел и да ја принуди меѓународната заедница да се повлече и да ја прекине поддршката за транзицијата во земјата" - оцени членот на Преодниот совет на Ирак, Сумаиди, кој во врска со можните организатори на атентатите додаде:

"Сега постои нечесна алијанса меѓу остатоците од режимот на Садам Хусеин и Ал Каида. Таа манифестира присуство затоа што со неа никој не се занимава во доволна мера."

Американците се обидуваат да се бранат од ваквите обвинувања, кои одат пред се' на нивна сметка како окупациона сила, која ја презеде одговорноста за безбедноста во земјата. Запрашан дали американските сили воопшто имаат контрола врз земјата, бригадниот генерал Марк Хертлинг оцени дека Ирак е сега посигурно место отколку за време на владеењето на Садам Хусеин.

И шефот на Стејт департментот Колин Пауел, оцени дека САД постигнуваат успеси во борбата против меѓународниот тероризам и се обиде да го брани претседателот Џорџ Буш, кој се' повеќе се наоѓа на мета на критика поради лошата состојба во Ирак:

"Претседателот уште од почетокот нагласи дека ова ќе биде долготрајна и тешка задача што ја презедовме. Тој им порача на Американците дека станува збор за глобална војна, што ќе се води на многу фронтови."

Нападот врз зградата на Меѓународниот комитет на црвен крст го осудија и ЕУ, германската и британската влада, а британскиот министер за надворешни работи Џек Стро оцени дека станува збор за многу подмолен чин:

"Фактот што терористите не ги напаѓаат американските или британските трупи, туку повторно една меѓународна хуманитарна организација, покажува колку се ниски нивните мотиви. Тие немаат никаков возвишен идеал, туку тоа се најгрозни остатоци од режимот на Садам Хусеин."

Портпаролот на Меѓународниот комитет, Нада Думани, оцени дека организацијата нема да се повлече под притисок на теророт:

"Сметаме дека мораме да останеме овде, бидејќи имаме важна задача за ирачкиот народ. Се надевам дека Ирачаните нема да мораат да ја плаќаат цената за тоа преку вакви грозоморни дела."

Претставник на ОН, пак, во Женева оцени дека серијата атентати има за цел да ги исплаши и да ги натера на повлекување сите странци од Ирак.