1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цунами бранови го поплавија јапонскиот брег

11 март 2011

Јапонија е погодена од најтешкиот земјотрес во последниве 140 години. Потресот предизвика и цунами бранови кои однесоа се’ пред себе. Се зборува за десетици загинати но вистинските размери на катастрофата не се познати.

https://p.dw.com/p/10Xaa
Урната зграда во градот СендеиФотографија: dapd

Земјотресот со интензитет од 8,9 степени според Рихтеровата скала беше почувствуван во големи делови на Јапонија околу 14 часот по локално време. Епицентарот се наоѓал на 400 километри североисточно од престолнината Токио. Силниот потрес згора на тоа предизвика и цунами бранови високи до десет метри, кои непосредно по земјотресот го опустошија североисточното крајбрежје на Јапонија. Посебно погоден беше градот Сендеи кој се наоѓа на неполни сто километри од епицентарот на земјотресот.

Karte Japan Erdbeben 2011 englisch
Епицентарот на земјотресот

Размерите на катастрофата не се познати

Тревога од цунами беше издадена за најмалку 20 други земји, практично во целиот Пацифички басен. Повеќе земји меѓутоа јавија дека цунами бранови со слаб интензитет веќе го погодиле нивното крајбрежје.

Во меѓувреме од Јапонија буквално секоја минута пристигнуваат нови информации за стотици разурнати или оштетени објекти, но и за десетици загинати и исчезнати лица, како и за стотици повредени. Веднаш по силниот земјотрес, по кој следеа и повеќе помали потреси, јапонската влада одржа итна седница по која премиерот Наото Кан се обиде да внесе мир меѓу населението: „Воспоставивме кризен центар за да се справиме со последиците од земјотресот. Се грижиме за безбедноста на луѓето и се обидуваме да ги ограничиме штетите што е можно повеќе“.

Загриженост за нуклеарните постројки

Особено внимание во справувањето со последиците од земјотресот, владата им посветува на нуклеарните централи во погодените региони. Посебно критична е ситуацијата во нуклеарната централа Фукушима Даичи. Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти, дека јапонската влада ја информирала, дека таму е прогласен повисок степен на тревога поради страв од можно истекување на радиоактивни материи. Јапонските медиуми јавија дека на 2000 жители во регионот им е наредено да ги напуштат своите домови. Од другастрана успешно е изгаснат пожарот во нуклеарната централа во силно погодениот регион Мијаги, која како и уште неколку други атомски постројки веднаш е исклучена од употреба.

Japan Erdbeben Tsunami
Цунами брановите однесоа се’ пред себеФотографија: AP/NHK TV

Сочувство и понуди за помош од многу земји

Традиционално Јапонците се добро подготвени за земјотреси. Објектите се градени да издржат силни потреси, а луѓето се обучени како да реагираат во такви случаи. Сепак земјотрес со ваков интензитет не доживеал никој. Имено станува збор за најсилниот потрес по 140 години или судбински удар како што истакна германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле кој веднаш им изрази сочувство на погодените од катастрофата во Јапонија: „Некој кој бил во Токио и самиот знае дека луѓето таму сметаат на вакви катастрофи. Но, еден волку тежок земјотрес се разбира и во Јапонија е вистински удар на судбината“, рече Вестервеле.

Тој во името на Германија веднаш понуди помош за надминување на последиците од земјотресот, а слични пораки упатија и други земји.

Автор: СН/ БГ/ ртре/ дв/ дпа

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема