1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цунами ги погоди островските држави Самоа

30 септември 2009

Цунами со голема разурнувачка моќ ја погоди групата острови Самоа, во јужниот Пацифик. Животот го загубиле десетици луѓе. Големиот бран бил предизвикан од земјотрес со интензитет од 8 степени според Рихтеровата скала.

https://p.dw.com/p/JuJK
СамоаФотографија: AP

Цунамито што ги погоди островските држави Самоа и Американска Самоа во југозападниот Пацифик, според последните податоци однесе повеќе од сто животи. Меѓутоа, ни бројката на жртви, ниту размерот на предизвиканите штети засега не се во целост познати.

Samoa Südsee Tsunami Flash-Galerie
Цунами ги погоди островските држави СамоаФотографија: picture-alliance/ dpa

Најтешко погодени се пониските крајбрежни региони на двете островски држави каде цели населени места биле поплавени, возила и луѓе биле исфрлени на отворено море, дрвените куќи целосно уништени, а поцврстите градби во најголем дел тешко оштетени. Гувернерот на Американска Самоа, Тогиола Тулфоно изјави дека на големиот број острови владее хаос: „Според изјавите на очевидци имало четири брана. Најнапред дошол најсилниот бран, а потоа неколку помали.“

Голем број жители на островите се отсечени од надворешниот свет и затоа не може со сигурност да се каже колкав е точниот број на жртви: „Кога дојде цунамито беше уништен мостот во нашиот залив и беше многу тешко да се доведат луѓето на оваа страна. Повредените моравме поединечно да ги спасуваме,“ вели Тулфоно.

Samoa Südsee Tsunami Flash-Galerie
Разурнувачка моќ на цунамитоФотографија: AP

Иако големиот цунами-бран имал висина од само околу метар и половина, предизвикал големи штети и голем број луѓе исфрлил на отворено море. Дури и ако не е многу висок, цунами-бранот има огромна разурнувачка моќ, вели Чарлс Меккриди, директор на Центарот за предупредување од цунами на Пацификот. „Целата енергија на длабокиот океан се собира во еден воден столб. Кога епицентарот на земјотресот е на голема длабочина од него се создава огромен воден столб од кој се создава бранот, кој, пак, кога ќе стигне на брегот се ослободува целата енергија и разурнувачката сила на бранот е огромна.“

Жителите на островските држави биле предупредени за доаѓањето на цунамито преку СМС-пораки. Но, со оглед дека епицентарот на земјотресот се наоѓал многу блиску до архипелагот, големиот бран многу бргу стигнал до крајбрежјето. За многумина предупредувањето стигнало предоцна.

Автор: Бернд Муш Боровска / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска