1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чадорот за спас ќе остане отворен

29 октомври 2010

Шефовите на држави и влади на ЕУ го прифатија акциониот план за јакнење на буџетската дисциплина на членките на Еврозоната. Германската канцеларка Меркел успеа - ќе се изврши проверка за промена на Европскиот договор.

https://p.dw.com/p/PrVu
Ангела Меркел во БриселФотографија: AP

Германската канцеларка Ангела Меркел минатите денови се реши на ризик, а сега се чини дека одлуката се исплатеше. Таа беше прилично изолирана во барањето за измени во Европските договори, со цел во Пактот за стабилност да бидат внесени одредби што ќе значат поголема заштита од финансиски кризи, како онаа во Грција. Ангела Меркел своите предлози за постабилен Пакт за стабилност ги презентираше на двојниот самит со францускиот претседател Никола Саркози, со што го навлече гневот на дел од колегите во ЕУ.

EU Gipfel in Brüssel Belgien
Предлогот да им се одземе правото на глас на државите кои долго време ги прекршуваат финансиските правила на ЕУ не е прифатен - договорено е да се „изврши проверка“ за неговата спроведливостФотографија: AP

Отпор, пред се‘ кај помалите земји-членки, предизвика предлогот да им се одземе правото на глас на државите кои подолго време ќе ги прекршуваат финансиските правила на ЕУ. Овој предлог не е прифатен, договорено е да се „изврши проверка“ за неговата спроведливост, иако Меркел имаше аргументација:

„Во Лисабонскиот договор веќе имаме, иако тоа понекогаш се губи од вид, можност за одземање на правото на глас, ако се прекршат основните вредности на ЕУ. Политиката која го доведува во опасност еврото, според мене, е такво прекршување на вредностите на Унијата.“

Деталите за новиот кризен механизам треба да бидат познати до декември

На преговорите во Брисел кои траеја до доцна ноќеска, меѓутоа, канцеларката очигледно успеа да ги убеди партнерите во Унијата дека се неопходни промени на Лисабонскиот договор. Ако остане на договорените ставови, во Европскиот договор треба да биде внесена одредбата за траен кризен механизам во случај на задолженост на земјите-членки. Тој би требало да важи од 2013 година, кога истекува 750 милијарди евра тешкиот Пакет за помош, кој беше договорен со оглед на заканата од банкрот на Грција, а заради сузбивање на шпекулациите на пазарот на девизи и заштита на еврото.

EU Gipfel in Brüssel Belgien
На преговорите во Брисел, Меркел очигледно успеа да ги убеди партнерите во Унијата дека се неопходни промени на Лисабонскиот договорФотографија: AP

Деталите за новиот кризен механизам треба да бидат познати до декември. Но, уште сега е јасно - ако во иднина на некоја држава-членка на ЕУ и‘ се заканува финансиски колапс, во нејзиното спасување треба да учествуваат и приватните доверители. Банките, кои за време на грчката криза профитираа од астрономските камати, ќе бидат приморани да се откажат од нив.

Забраната за меѓусебна помош на земјите-членки од Лисабонскиот договор нема да биде укината, појасни германската канцеларка Ангела Меркел утрово, но таа ќе биде можна само ако е доведена во опасност заедничката валута. Тоа значи -ЕУ ќе им помогне на одделни членки само ако е загрозена целата еврозона. Оваа помош на потенцијалните банкрот-држави, пак, ќе биде поврзана со строги предуслови, потенцираше Меркел.

Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпој треба да ги конкретизира плановите до декември. Но, тоа ќе бидат многу ограничени промени во Европскиот договор, за да нема потреба од референдум, потенцираше тој.

Автор: ЖА/ЕМФ/дпа/афп/ртре/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска