1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чевли – никогаш доволно!

8 јули 2009

Просечната жена четвртина од своите чевли ги облекла само еднаш, а 13 отсто од жените ги кријат новите чевли од своите партнери за да избегнат кавги.

https://p.dw.com/p/Iiob
Како да им се одолее?Фотографија: AP

Иако за жените и нивната опседнатост со чевлите се напишани стотици текстови, книги и студии, тајната уште не е откриена. Меѓу женските слабости, чевлите се наоѓаат на врвот на топ-листата.

Мажите никогаш нема да ја разберат тесната врска која постои меѓу секој пар чевли и нивните сопственички, како ни тврдењето дека жените никогаш не може да имаат премногу чевли. Чевлите се еден од најстарите човекови пронајдоци. Во почетокот изгледале примитивно, изработени од трева, кожа или крзно, ги штителе стапалата од острите камења и студот. За дизајнот никогаш никој не размислувал, високите потпетици не биле во мода. Чевлите често се спомнуваат во Библијата, а цртежи на чевли се откриени на ѕидовите на египетските храмови и фараонските гробници.

Мажите први носеле штикли

Olympia 2008 Deutschland Nadine Capellmann Reiten Dressur-Equipe
Мажите кои јавале први носеле штиклиФотографија: AP

Дури некаде околу 1850 година почнува да се прави разлика меѓу лев и десен чевел. Се’ до тогаш чевларите изработувале еднакви обувки за двете нозе. Леонардо да Винчи е првиот кој се сетил да се стави петата на чевелот. Обувките со штикла најпрво биле моден хит меѓу припадниците на посилниот пол на европската аристократија. Објаснувањето е едноставно. Во тоа доба, јавањето било дел од секојдневниот живот на богатите и славните, а нешто повисока пета обезбедувала стабилност на нозете за време на јавањето. Имено, на тогашните мажи, штиклите им служеле за да останат во седлото. Обувките за јавање наскоро станале дел од секојдневието. Мажите кои во тоа време ја следеле модата, во колекцијата задолжително имале чевли со потпетици.

Висока штикла за висока класа

Венчавањето на Катарина Медичи и војводата од Орлеанс, во 1533 година, ги воведе штиклите во женската мода. Младата, за свадбата, нарачала пар чевлички со штикла од еден славен мајстор од Фиренца. Откако кралската невеста прошетала со високите штикли, штиклите станале хит меѓу припадниците на европската аристократија. Во следните 200 години, општествениот статус на дамите се мерел според висината на потпетицата. Потоа Француската револуција, покрај другите важни настани, го променила и односот кон штиклите. Одеднаж станало непристојно да се покажува каков било знак на благороднички статус – висината на потпетиците се намалила, а дамите повторно се приближиле до земјата.

На крајот на 19 век, штиклите повторно се враќаат во мода и оттогаш постојано се присутни во ормарите на припадничките на понежниот пол. Низ историјата, женските обувки се’ повеќе добивале на значење во модна, културолошка и феноменолошка смисла, а во 21 век штиклите се сметани како најголем женски фетиш. Како што поголемиот број жени никогаш „немаат што да облечат“ или никогаш „не се доволно слаби“, така никогаш немаат доволно чевли на располагање.

Високите потпетици штетни по здравјето

Deutschland Messe Schuhe aus Brasilien in Düsseldorf
Штиклите - најголема женска слабостФотографија: AP

Италијанците меѓу првите ја сфатиле неконтролираната женска потреба за поседување добри чевли, поради што и денес италијанските чевли се сметаат за најквалитетни на светот. Поголем број жени би го дале и последниот денар за чевли „кои им го одземаат здивот“. Чевлите за жени имаат магична моќ, како оние стаклени чевлички, кои и‘ помогнаа на Пепелашка да го врати својот принц. Посебна слабост се чевлите со висока потпетица. Опседнатоста со чевлите не може да ја намали ни фактот дека дури 43 отсто од жените, поради високите потпетици барем еднаш во животот заработиле полесна повреда, а осум отсто од нив и сериозни скршеници.

Интересен е податокот од едно американско истражување, според кое просечната жена четвртина од своите чевли ги облекла само еднаш, како и дека 13 отсто од жените ги кријат новите чевли од своите партнери за да избегнат приговори. Обидувајќи се да ја сфатат оваа женска опседнатост, некои потсетуваат дека купувањето нова облека може да биде незгодно ако се покаже дека жената се здебелила или дека не може да влезе во својот стар конфекциски број. Чевлите, меѓутоа, „не прашуваат“ ни за килограми, ниту за години и секогаш добро изгледаат.

Автор: АА/АТ/дв

Редактор: Александра Трајковска