1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекор напред кон спас на еврото

31 август 2011

Германската влада денеска го усвои предлог-законот за засилување на постојаниот фонд за стабилизација на еврото, согласно договорот на самитот на ЕУ во јули. Клучно прашање-во каква форма за него ќе одлучува Бундестагот.

https://p.dw.com/p/12QeQ
Не се сите одушевени од плановите на МеркелФотографија: AP

Германската влада денеска направи уште еден чекор во справувањето со европската должничка криза. Таа го усвои предлог-законот со кој треба да се спроведе засилувањето на постојаниот фонд за стабилизација на еврото, ЕФСФ, согласно договорот на самитот на ЕУ во јули. За содржината на предлог-законот канцеларката Меркел денеска ги информираше и координаторите на пратеничките групи во Бундестагот. Постојаниот фонд за спас на еврото треба да биде со проширени надлежности за на пример да може да им помогне на банки во земја во финансиска криза. Освен тоа, се зголемува вкупната сума која Фондот во иднина може да ја даде во форма на кредити и тоа на 440 милијарди евра.

Државите-учеснички пак гарантираат во висина од 780 милијарди евра. Германскиот дел од финансиските гаранции притоа треба да порасне од 123 на 211 милијарди евра, речиси една четвртина од вкупната сума.

Deutschlandfahne Paket Sparpaket Bundesregierung NO FLASH
Фотографија: picture alliance / dpa

Парламентот во Берлин до крајот на септември треба да го усвои законот.

Но, во меѓувреме мора да биде разјаснето прашањето на кој начин ќе учествува Бундестагот во носењето одлуки за идниот постојан фонд за стабилизација на еврото. Досега владата требаше да се потруди да „постигне договор“ со Комисијата за буџет. Пратениците меѓутоа немаа никаква можност да ја запрат постапката или да извршат промена.

Во иднина, тоа треба да се биде поинаку. Клучните одлуки треба да се носат во пленум, а Комисијата за буџет да се занимава со секојдневните работи. Во итни случаи, би требало да се соберат претставниците на пратеничките групи и по консултациите да донесат одлуки за најкратко време.

Канцеларката Ангела Меркел инаку се соочува со незадоволство во редовите на нејзината партија поради предлог-законот. Постојат дури и стравувања дека изјаснувањето за него во Бундестагот може да значи и прашање за опстанок на Меркел. Во Христијанско-демократската унија сепак се оптимисти во позитивното изјаснување и тоа со сопствено мнозинство на владејачката коалиција.

Опозициските СПД и Партијата на зелените најавија поддршка за плановите на германската влада за спас на еврото, но побараа натамошни објаснувања. Во средиштето е прашањето за начинот на учеството на Бундестагот во донесувањето на одлуките. 

Автор: ЖА/БГ/дапд/дпа/дв

Редактор: Борис Георгиевски