1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекор напред, па блокади за реформистите во Грција

30 декември 2011

По почетните успеси на реформите на трите партии во владата под Лукас Пападимос им се заканува блокада поради ривалските борби меѓу коалиционите парнери. Во Атина се’ погласно се размислува и за одлагање на изборите.

https://p.dw.com/p/13bU1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лукас Пападимос е само шест недели на функцијата, а времето незапирливо му бега. Причината: во март 2012 година Грција мора да врати заеми, во висина од 14 милијарди евра. Дотогаш, според плановите на владата треба да бидат завршени преговорите за доброволното делумно бришење на долговите како и за вториот пакет за спас за средоземноморската земја. Како предуслов, во брзо темпо мора да бидат усвоени структурните реформи договорени со донаторите. Но, токму по ова прашање во моментов има проблеми.

Избори по Велигден или во февруари!

Економистот и економски новинар Панајотис Бусбурелис оценува дека билансот на повеќепартиската владина коалиција оди во нагорна линија. Но, смета дека на новиот премиер едноставно му е потребно повеќе време. „Преговорите за доброволна размена на старите за нови грчки обврзници на подолг рок се на добар пат“, смета Бусбурелис. Пониската каматна стапка од четири проценти за секоја обврзница е реална и би било голем успех за Пападимос, ако навистина го спроведе овој договор. Исто така и усвојувањето на буџетот за штедење за 2012 година би бил успех за преодниот премиер. Од друга страна би морало да се напомене дека важни делови од реформите се блокирани, како на пример приватизацијата на државниот имот или отпуштањето на државните службеници.

Evangelos Venizelos / Lucas Papademos / Griechenland
Лукас Пападемос и Евангелос ВенизелосФотографија: dapd

Пред се’ длабоко меѓу себе раскараните социјалисти, кои се дел од владата сакаат да му дадат повеќе време на Пападимос, оти така и самите ќе имаат доволно време да ја консолидираат својата партија и да најдат наследник на поранешниот премиер Јоргос Папандреу. По една маратонска седница на социјалистите, министерот за финансии и заменик шеф на владата Евангелос Венизелос во средата изјави дека новите избори планирани за 19 февруари би морале да се поместат по Велигден, кој годинава во Грција паѓа на 15 април. Исто така и Панајотис Бусбурелис смета дека нема никаква смисла Грција да се придржува до првично предвидениот термин за нови избори. „Критичните преговори и разговори во моментов се одвиваат паралелно, така што не може едноставно да се повлечете и да се одржат нови избори“, појаснува економскиот експерт од Атина. Наредните месеци претстојат важни одлуки за отпис на долговите на Грција, така што се неопходни темелни подготовки. Затоа мандатот на владата на Пападимос би морал да биде продолжен најмалку до април 2012 година. Предвид би дошол и подоцнежен термин за изборите или преструктуирање на владата.

Наспроти социјалистот Венизелос, конзервативците, кои според анкетите имаат поголема поддршка од граѓаните, не гледаат причина за поместување на избориниот термин за крајот на април. Десните популисти пак кои исто така се дел од владата сметаат дека нови избори би морале да се одржат или веднаш или дури кон крајот на годината.

Krise und Regierung in Athen Griechenland
Партијата на Самарас води на анкетитеФотографија: dapd

Ова не се единствените противречности, во кабинетот на Пападимос и онака има доволно недоразбирање. Десниот популист и министер за сообраќај Макис Воридис на пример бара реформските закони темелно да се разгледаат интерно во партиите, пред кабинетот да одлучува по нив. На тоа премиерот Пападимос ладно одговори дека тоа не било воопшто неопходно, бидејќи партијата секако е застапена во владата.

Грција треба да остане во еврозоната

NO FLASH Symbolbild Euro Rettungsschirm EU Flagge Münzen
Фотографија: dapd

Спорни точки во коалицијата ќе има и во иднина. Меѓутоа вистинскиот непријател на реформистите во Грција е надвор од политиката, појаснува Стелиос Катранидес, професор по економија на универзитетот во Солун во едно интервју за телевизијата Скај. „Има моќни партикуларни интереси во оваа земја, кои сакаат работите да ги остават такви какви што се, бидејќи во основа тие посакуваат враќање на драхмата“, уверен е професорот Катранидес. Од тоа би профитирале дубиозни личности кои и должат на државата големи суми пари и кои очигледно веруваат дека ако се воведе драхмата нивните долгови ќе испарат во воздух. Или пак финансиските жонглери, кои чуваат големи суми пари во странство и шпекулираат дека во една уништена земја ќе можат да купат вреден имот за смешни пари. Но Грците мора да сторат се’ за нивната земја да остане во еврозоната, смета професорот Катранидес.

Исто така и преодниот премиер Пападимос се изјасни дека настојувањето Грција да остане во еврозоната има највисок приоритет. Но за тоа мора да преземе посилни мерки против противниците на реформите - дури и во сопствените редови.

Автор: Јанис Пападимитриос/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски