1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекор на кој се чекаше

17 февруари 2012

Беше крајно време за оставка на Сојузниот претседател Кристијан Вулф. Мора да се спречи натамошна штета на фунцијата, оценува Уте Шефер во коментарот на оваа тема.

https://p.dw.com/p/144jd

Сомнежот на обвинителите од Хановер беше почеток на крајот за Кристијан Вулф на функцијата Сојузен претседател. И иако и за Сојузниот претседател важи дека е невин, се‘ додека не се докаже спротивното, Кристијан Вулф веќе не беше погоден за највисоката функција. Мораше да се спречи натамошна штета на функцијата Сојузен претседател. Беше време за оставка, или подобро речено - беше крајно време! Драматична завршница за Кристијан Вулф, кој со недели се обидуваше да го симне од себе скандалот преку учтива реторика и издржливост. Тоа не му успеа и тоа е добро, зашто зборува за независноста на правосудството и новинарството во Германија.

Приказните и насловите за користење скапи летни викендички, за прифаќање покани и мешање на политичките и економските интереси од страна на, во тоа време, покраинскиот премиер Вулф, станаа роман во продолженија од кој протагонистот не можеше така лесно да се спаси, иако тоа го сакаше. Барањето на обвинителството јасно ја покажува сериозноста на ситуацијата - тоа не се престапи кои мнозинството ги прифаќа и кои не се неморални, туку станува збор за истрага за работи кои се можеби кривично правно релевантни.

Она што беше ново, е начинот на кој се дојде до оставката. Првпат во историјата на Сојузна Република Германија беше побарано укинување на имунитетот на носителот на највисоката функција во државата. Ваквиот чекор е исто толку исправен, колку и драматичен. Во повеќето случаи политичарите и носителите на политички функции даваат оставки пред да дојде до ваков чекор, пред да биде оштетена веродостојноста на нивната функција и на политичката класа. Тоа требаше да го стори и Кристијан Вулф, многу порано.

Функцијата Сојузен претседател живее од веродостојноста и неутралноста на носителот на функцијата, или накусо - од личниот интегритет. За разлика од други земји, во кои егзекутивната моќ на претседателите овозможува влијаење, па дури и манипулација на парламентарни и правни одлуки и заклучоци, моќта на Сојузниот претседател во Германија е ограничена. Тој е пред се‘ највисок претставник на државата, како највисока морална инстанца може и треба да отвора важни дискусии за вредностите и за големите теми во германското општество и политика и тоа треба да биде проследено со јасен став. Освен фактот дека на Кристијан Вулф тоа во изминатите година и половина не му успеа, тој во меѓувреме веќе не ги исполнува и предусловите за такво нешто.

Ute Schaeffer
Уте Шефер, автор на коментаротФотографија: DW

Се‘ уште голем број луѓе во Германија и во странство се на мислење дека Вулф е жртва на медиумска кампања, но според мене, медиумите во случајот Вулф го направија она за што и се создадени - да известуваат доколку политиката и политичарите негуваат преголема блискост со други интересни групи. Тоа новинарите го прават насекаде во светот и за разлика од Германија, честопати притоа се изложени на големи ризици. Во случајот Вулф новинарите ја почнаа дискусијата за можните привилегии и ја продолжија. Тоа е нивна задача! Барањето на обвинителството сега покажува дека и правосудството во земјата е независно и работи стручно, дури и ако станува збор за носители на високи функции.

Консеквентноста е исправна и крајно време беше да се спречи натамошно нанесување штета на функцијата. Германија, нејзината политичка класа, независноста и солидноста на нашите демократски институции важат за многу веродостојни во светот. Ние од другите бараме демократија, правна држава и слобода на мислење. Затоа е добро кога при сомневање за престап, независно од угледот на личноста, ваквите принципи се применуваат и во нашата земја, без пардон!

Автор на коментарот: Уте Шефер

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска