1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Челзи и Ливерпул во иста група, изгледни шанси за германските тимови во Лигата на шампионите

26 август 2005

Од германските претставници во годинашната фудбалска Лига на шампионите среќата при извлекувањето на противниците најмалку му беше наклонета на Шалке, но севкупно сите имаат шанси да ја пребродат првата фаза во тоа најзначајно европско клупско натпреварување. За лондонските букмејкери Челзи е прв фаворит. Џерард – најкорисен играч во Европа.

https://p.dw.com/p/AekY
Играчите на Ливерпул го слават елиминирањето на Челзи. Така беше лани во полуфиналето на Лигата на шампионите. А годинава?
Играчите на Ливерпул го слават елиминирањето на Челзи. Така беше лани во полуфиналето на Лигата на шампионите. А годинава?Фотографија: AP

Баерн го избегна Челзи, но и годинава го доби А-групата Јувентус од Торино, од кого лани на два пати беше совладан со по 1 спрема 0. Тука се уште и австрискиот Рапид од Виена и белгискиот тим Бриж. Баерн во првото коло му гостува на Рапид.

Во Б-групата фаворит е англискиот претставник Арсенал, а противници ќе му бидат Ајакс Амстердам, Спарта Прага и Тун.

Вердер од Бремен се најде во Ц-групата, во која апсолутен фаворит е Барселона. Германскиот претставник има убави шанси да се најде пред Панатинаикос Атина и Удинезе од Удине, што си го постави како цел во оваа сезона. Вердер во првиот натпревар на 14-ти септември ја пречекува Барселона.

Најзвучно име во Д-групата е Манчестер Јунајтед, а тука се уште и некогаш славната Бенфика од Лисабон, потоа францускиот тим Лил и шпанскиот претставник Вилјареал.

Шалке се најде во Е-групата. Апсолутен фаворит е финалистот од минатата Лига на шампионите Милан, а на тимот од Гелзенкирхен му претстојат тешки дуели со холандскиот тим ПСВ Ајндховен и турскиот претставник Фенербахче од Истанбул, предводен од контроверзниот германски тренер Кристоф Даум. Но, Шалке има убави спомени од Милано: во 1997-ма година таму го постигна својот најголем успех со освојувањето на Купот на УЕФА. Шалке на 13-ти септември ќе гостува во Ајндховен.

Реал Мадрид не би требало да има поголеми проблеми со норвешкиот тим Розенборг од Трондхајм, Олимпијакос од Пиреја и Олимпик Лион во Ф-групата.

Жрепката сакаше во Г-групата да се најдат европскиот првак Ливерпул и Челзи од Лондон, кого лани го елиминира во полуфиналето. Белгискиот Андерлехт и шпанскиот тим Бетис од Севилја се во втор план.

Конечно, во Х-групата Интер од Милано и Порто се фаворити, Глазгов Ренџерс и Артмедиа од Братислава аутсајдери.

На обложувалниците прв фаворит е Челзи со коефициент од 5 спрема 1. Лондонските букмејкери зад него ги рангираат Барселона со 6 спрема 1 и Милан со 7 спрема 1. Од германските тимови Баерн е осми фаворит со коефициент 14 спрема 1, на Шалке е типувано со 50 спрема 1, а на Вердер со 80 спрема 1. Како тотални аутсајдери букмејкерите ги оценуваат Рапид Виена, Артмедиа Братислава и Розенборг Трондхајм – доколку некој од нив стане европски првак, на вложувачот тоа би му донело 500 пати повеќе од вложената сума.

На свеченоста на извлекувањето во Монте Карло, европската фудбалска унија – УЕФА му оддаде признание на Стивен Џерард од Ливерпул за најкорисен играч во минатата сезона. Признанија добија и Петр Чех и Џон Тери од Челзи за најдобар голман и најдобар одбранбен играч. Кака од Милан е најдобар играч за врска, а најдобар напаѓач е Роналдињо од Барселона, инаку прогласен и за најдобар играч во светот.

И уште една информација од фудбалот: германскиот прволигаш Мајнц се пласира за Купот на УЕФА, откако и во реванш средбата го совлада победникот на Купот на Исланд Кефлавик со истиот резултат како и во првиот дуел – 2 спрема 0. Противниците на Мајнц, Баер Леверкузен, Херта Берлин, Штутгарт и Хамбургер во првото коло на Купот на УЕФА ќе бидат познати по денешното извлекување.