1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Челзи му даде отказ на Ди Матео

Б. Георгиевски/ртр/афп21 ноември 2012

Италијанскиот стручњак заработи отказ по тешкиот пораз од Јувентус од 3:0 во Лигата на Шампионите. Бајерн, Валенсија и Барселона обезбедија пласман во во осминафиналето.

https://p.dw.com/p/16n8Q
Фотографија: Reuters

Роберто Ди Матео е првата жртва на епилогот од вчерашните мечеви во петтото коло на фудбалската Лига на Шампионите. По синоќешниот пораз на Челзи од Јувентус од 3:0, Ди Матео, кој лани го предводеше лондонскиот клуб до титулата во најсилното фудбалско натпреварување, утрово доби отказ. Името на новиот менаџер на Челзи засега не се соопштува, но медиумите веќе подолго време шпекулираат дека на чело на стручниот штаб ќе застане Шпанецот Пеп Гвардиола, кој на крајот на минатата сезона си замина од кормилото на Барселона.

Во Групата Е, победа забележа и украинскиот Шахтјор на гостувањето кај данскиот Нордсјеланд, и остана на чело на табелата со 10 бодови пред Јувентус кој сега има 9. Сепак, Челзи се‘ уште има шанси за пласман во следната рунда, но потребна му е победа во последното коло и пораз на Јувентус на гостувањето кај Шахтјор.

Реми на Бајерн во Валенсија

Пласман меѓу 16-те најдобри во Лигата на Шампионите вчера обезбедија уште и Бајерн, Барселона и Валенсија. Во Валенсија, домашниот тим и Бајерн одиграа нерешено 1:1, резултат што двата тима ги водеше во следната рунда, по поразот на Бате Борисов на домашен терен од францускиот Лил со 0:2.

Valencia CF - FC Bayern München
Дуел на Банега (Валенсија) и Милер (Бајерн М.)Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Групата Г, Барселона го реши прашањето за победникот во дуелот против Спартак во Москва уште во првото полувреме. Победата од 3:0 ја донесоа Алвес и Меси. Во оваа група, Бенфика го совлада Селтик со 2:1, па патникот во следната фаза ќе се решава во последното коло меѓу овие два тима.

Во Групата Х, Галатасарај го совлада Манчестер Јунајтед со 1:0 и си ги зголеми шансите за натамошен пласман. Манчестер уште од претходното коло си го обезбеди првото место во групата, а за второто, во последното коло ќе се борат Галатасарај и романски Клуж, кој ја совлада португалската Брага со 3:1.

Вечерва се играат мечевите од останатите четири групи. Преостанатите два германски тима, Борусија Дортмунд и Шалке можат да обезбедат пласман со победи во дуелите против Ајакс односно Олимпијакос. Дербито се игра во Манчестер, каде Сити го пречекува Реал Мадрид.