1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Челичната војна Трамп-ЕУ веќе удри во Македонија

Костадин Делимитов
24 декември 2018

Металуршкиот сектор во паника. Мерките од Брисел веќе удрија на терен во Македонија. Штетите ќе бидат и поголеми од 100 милиони евра. Владата не губи надеж дека ќе излобира поволно решение.

https://p.dw.com/p/3AatA
Symbolbild Stahl
Фотографија: picture alliance/dpa/J. Stratenschulte

Пропаднати инвестиции, загуби во пари, принудни откази. Најавата од Брисел за ограничен увоз за челик и алуминиум по Нова година ќе предизвика огромни штети врз металуршкиот сектор. Мерките стапуваат во сила по Нова Година но  на терен веќе се плаќа цехот од трговската војна САД-ЕУ. Производителите на цевки се првите „жртви“. Три фабрики кои се занимаваат со оваа дејност веќе ги загубија квотите:

 „Индустријата за производство на цевки е прва на удар. Фабриките ИГМ, ФЗЦ Куманово и Метал промет-Струмица веќе ги загубија квотите. За нив сега се воведуваат т.н. државни квоти за извоз. Ако годинава продаваа 180.000 тони, под претпоставка да не бидат погодени и со антидампинг, ќе паднат на 110.000 тони, што во превод значи 45 милиони евра загуби“, алармира Митко Кочовски,  Претседател на здружение за Металургија при Стопанската комора.

Принудни одмори

На удар се и големите металуршки капацитети кои допрва ќе се соочат со проблеми. „Макстил“, како најголем металуршки комбинат веќе излезе со пресметки. Мерката од Брисел ќе ги чини безмалку половина од нивното годишно производство:    

USA EU Strafzölle Handelszölle
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Проценките за штетите се направени врз база на резултатите од последните три години кои и онака беа лоши за нас. Тие велат дека ќе загубиме 120.000 тони производство и пласман што изнесува околу 60 милиони евра. Приходот драстично ќе се намали, а сите ќе имаме високи фиксни трошоци. Второ, сите имаме инвестиции, дел започнати а дел планирани, но сега сето тоа оди под мирување. Трето, ќе мораме да одиме на намалено производство што носи и проблеми од аспект на принудни одмори и слично. При вакви услови кога и онака немаш можности за да обезбедиш кадар сите тие турбуленции носат неизвесности“, коментира Кочовски.

Повеќе на темата:

-Заштитни царини на САД - потребни се челични нерви

-Казнени царини: ЕУ да не влегува во игричките на нарцисот Трамп

-ЕУ бара да биде изземена од казнените царини на Трамп

Како ќе се балансира производствениот процес и како ќе се менаџира состојбата со вработените допрва ќе биде предизвик за компаниите:

„Ако имаме 120 илјади тони помалку пласман тоа значи дека ќе треба 4 месеци да немаме производство. Како ќе ги делиме допрва ќе видиме. Ќе мора да правиме принуден одмор. Вработените ќе добиваат плати и во тој период, но ќе мора да има одредени намалувања“, објаснува Кочовски. 

Како да се амортизира ударот?

Бизнисот сепак не е осамен во оваа битка. Активно е ангажирана и Владата која смета дека има шанси да се амортизира ударот:

„Ние го следиме целиот процес и сакаме да помогнеме. Иако целиот процес го води Министерството за економија очекуваме дека тоа нема да биде негативно за нас. Тоа не е завршен процес, постои уште простор тимот кој е предводен од Министерството за економија да се избори за поволности кои ќе бидат добри за македонската економија“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.

Надеж не губат и стопанствениците. Технички, аргументите Македонија веќе ги изложила пред европските структури. Одлуката за евентуално изземање на Македонија  сега е политичкa.

Symbolbild Stahl
Фотографија: Getty Images/A. Koerner

„Ние не можеме да изразиме незадоволство од ангажирањето на Владата. За прв пат по долго време тие директно беа вклучени во овој проблем. Имавме разговори со премиерот Зоран Заев кој за ова разговараше и со Жан Клод Јункер. Разговаравме и со министрите Никола Димитров и Бујар Османи. Имавме технички состанок во Скопје и во Брисел каде бевме заедно. Луѓето направија што можат, но толкави ни се можностите“, смета Кочовски

Европската Унија воведе контрамерки за трговијата со алуминиум и челик откако американскиот претседател Доналд Трамп драстично ги заостри мерките за увоз од Кина и од ЕУ. Ова сега ќе ги погоди и македонските производители кои во целиот случај практично се колатерална штета.