1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четириесет проценти од бугарската економија е сива

Николај Цеков/ Александер Андреев/ Е.М. Фиданоска23 јуни 2012

Сивата економија во Бугарија расте со голема брзина, особено во време на криза. Новите студии покажуваат дека обемот на сивата економија драстично е зголемен.

https://p.dw.com/p/155Bs
Фотографија: Fotolia/Carlson

Речиси половината од стопанското постигнување на Бугарија во периодот од 2009-2012 година отпаѓа на сивата економија. Ова е резултатот на студијата спроведена од Бугарското здружение за индустриски капитал во рамки на проектот „Ограничување и превенција на паралелната економија“. Студијата беше финансирана од страна на ЕУ.

Во сферата на градежништвото, туризмот и здравството, според студијата, дури 70 проценти од постигнувањето е резултат на сива економија, значи без да се платат даноци и социјални давачки.

За споредба - во средината на 1990-тите Светска банка утврди дека сивата економија чини 36 проценти од вкупната економија на Бугарија. Земјата уште тогаш беше во горниот дел на неславната листа централно- и источноевропски земји, директно зад Грузија, Азарбејџан, Украина и Русија. Состојбата не се поправи ни со приклучувањето на Бугарија кон ЕУ, туку напротив - уделот на сивата економија денес е зголемен и изнесува речиси 40 проценти.

Бугарското министерство за финансии гледа пооптимистички

Според наводи на бугарското Министерство за финансии, состојбата воопшто не е толку сериозна - министерството во 2011 година утврди удел на сивата економија од само 20 проценти. Анализа финансирана од германската фондација Фридрих Еберт ги става под знак прашалник ваквите податоци.

Според оваа студија, во Бугарија нема бројки на кои може да се им се верува за три форми на сивата економија - економските постигнувања, каде се затајува данок и не се плаќаат социјални давачки, потоа пазарот на црно, каде се тргува со илегално произведени стоки и услуги и таканаречената размена во натура. Освен тоа, врските на сивата економија со организираниот криминал во Бугарија речиси и не се истражувани, се вели во студијата на фондацијата Фридрих Еберт.

Symbolbild Steuern Steuererklärung Steuerhinterziehung Geld Kriminalität
Нема сигурни податоци затаениот данок и неплатените социјални давачкиФотографија: Fotolia/Andre Bonn

Дури и во центарот на Софија денес речиси се‘ може да се купи без сметка. Контролите и даночната полиција не даваат позитивни резултати. Кога станува преопасно, трговците едноставно ја оставаат стоката и бегаат. Министерството за финансии, даночните власти, полицијата и обвинителството повеќепати ветија дека ќе му стават крај на тргувањето на црно на омилениот плоштад „Славејков“ во Софија. Сепак, и денес таму, по само три минути чекање, може да се купи секаков софтвер, или музика на ЦД како илегална копија. Неоданочени цигари во Софија се продаваат насекаде.

„Сивата економија ги брка инвеститорите од земјата“

Кризата е дополнителен импулс за сивата економија, оценува Емилијан Абаџиев, раководител на фирмата „Метро“ во Бугарија. На пазар зафатен од криза, многумина претприемачи сакаат да го заобиколат плаќањето данок, но на тој начин се уништува конкурентноста, вели раководителот на овој германски концерн во Бугарија: „Сивата економија ги ограбува потрошувачите и искрените актери во стопанството и на тој начин ги брка инвеститорите од земјата“, се жали тој. „Еден пример од моето искуство во Метро-Бугарија: пред една година премиерот Бојко Борисов им се закани на производителите и трговците со илегален алкохол со големи санкции. Непосредно потоа, продажбата на алкохолни пијалоци во продавниците на Метри пораснаа за околу 40 проценти во рок од еден ден“.

Bulgarien Land und Leute Markt in Sofia Marteniza
На улица може да се купи се‘Фотографија: George Papakotchev

Шефот на Метро-Бугарија е убеден дека преминот на земјата кон слободна пазарна економија цели 20 години не е сосема завршен само затоа што нема јасни правила. Во Бугарија општото добро е често во сенка на приватните интереси. Поединци профитираат од тоа што нема јасни правила, нема ред и дисциплина, затоа што не секогаш има финансиски и персонални ресурси за подобра организација.

Резултат на растечката сива економија - на државата и‘ недостигаат приходи од даноци во висина од стотици милиони евра годишно! „А кога нема доволно приходи од даноци, тогаш недостигаат пари насекаде - во здравството, образованието, инфраструктурата“, критикува Емилијан Абаџиев.