1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чистката во „БП“ започна со извршниот директор

27 јули 2010

Три месеци по катастрофата во Мексиканскиот залив, од функцијата извршен директор во „БП“ заминува Тони Хејворд. Загубите на „БП“ во последните месеци, според податоците, достигнаа околу 17 милијарди долари.

https://p.dw.com/p/OVaB
Американецот Роберт Дадли ќе биде новиот прв човек на „БП“Фотографија: AP

Нафтениот гигант „Бритиш петролеум“ ќе добие нов извршен директор од 1 октомври годинава. Досегашниот прв човек на компанијата Тони Хејворд си заминува од функцијата како резултат на лошото менаџирање со истекувањето на нафтата во Мексиканскиот залив. Паралелно со смената на Хејворд, „БП“ денеска соопшти и дека забележала загуби од 17 милијарди долари, во периодот од април до јуни годинава, поради катастрофата со нафтената платформа.

На местото на 53-годишниот Хејворд доаѓа американецот Роберт Дадли. Тој ќе биде првиот Американец на највисоката функција во британската компанија, но Дадли не е непознато лице во „БП“, бидејќи со него се поврзува неуспешниот обид за спојување со руските нафтени концерни од пред неколку години.

Од Дадли сега се очекува да го поврати разнишаниот углед на компанијата и да ги покрие финансиските дубиози кои се закануваа да го доведат концернот до пропаст.

BP-Chef Tony Hayward
Тони Хејворд заминува од „БП“ по катастрофата во Мексиканскиот заливФотографија: AP

Хејворд заминува со „полн џеб“

Такво нешто не му успеа на Хејворд, кој со серија несреќни изјави успеа на себе да го навлече гневот на американската јавност и да влезе во клинч со Белата куќа. Според првичните извештаи, Хејворд сепак ќе си замине со полн џеб од функцијата, а ќе остане и понатаму во „Бритиш петролеум“ на неизвршна функција. Информациите се дека тој ќе добива околу два милиони евра годишно.

Од друга страна, на „БП“ ќе и’ треба подолг период за да ги намали најголемите загуби, забележани уште од 1992 година. Нафтениот гигант соопшти дека трошоците за санирање на штетите во Мексиканскиот залив досега достигнале околу 32 милијарди долари. Поради тоа, во следните 18 месеци, „БП“ се надева дека ќе продаде дел од својата сопственост ширум светот во вредност од околу 30 милијарди долари. Од компанијата се надеваат и дека ќе го намалат нивото на нето долгот на околу 10 милијарди долари во следните година и пол, наспроти актуелната загуба од близу 23 милијарди.

Автор: БГ/ ГЧ/ дпа/ ап

Редактор: Александра Трајковска