1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чист список за чист изборен резулат

Катерина Блажевска20 декември 2012

Една од најзначајните препораки на ОБСЕ/ОДИХР се однесува на целосна ревизија на избирачкиот список, која е круцијална за обезбедување гаранции за регуларен изборен процес.

https://p.dw.com/p/176Cq
Фотографија: MIA

СДСМ нема да учествува на локалните избори ако не се вградат препораките на ОБСЕ/ОДИХР во изборниот законик и ако не се прочисти избирачкиот список, предупреди лидерот на партијата, Бранко Црвенковски. Ова го најави три ипол месеци пред изборите, како што рече, за да може секој да се соочи со сопствената одговорност за последиците за земјата и демократијата. Дали и колку од тие препораки се спроведени досега? Рената Дескоска - Треневска, член на Извршниот одбор на СДСМ, вели дека не се имплементирани голем дел од препораките на ОБСЕ\ОДИХР дадени по последните избори.

„Една од воочените слабости беше злоупотребата на државните функции за партиски цели, по што беа препорачани механизми кои ќе осигурат одвојување на државата од партијата. Исто така, пропишаните парични казни во усвоените измени на Изборниот законик се пониски од оние во Законот за спречување на корупција. Тоа покажува дека Владата ем нема политичка волја за нови механизми, ем и оние недоволно ефикасни кои постоеле, ги прави уште послаби“, оценува Тренеска.

Поради владиното игнорирање на укажувањето на ОБСЕ/ОДИХР на проблемот на заплашување на избирачите, СДСМ предлага враќање на инкриминирањето на обидот за заплашување и вршење притисоци врз избирачи. Во партијата укажуваат дека Владата не ги прифатила ни препораките на ОБСЕ/ОДИХР против ограничувањето на правото на приговор.

Ограничување на донациите

Сет препораки на ОБСЕ\ОДИХР се однесуваат и на финансирањето на изборната кампања, меѓу кои и на предлогот да се измени одредбата дека правните лица можат да донираат најмногу 5 отсто од вкупниот годишен приход. Оваа одредба е оценета како дискриминаторска, бидејќи неправедно им дава предност на покрупните субјекти. СДСМ предлага ограничување на донацијата од правни лица на максимум 30.000 евра и ограничување на вкупното трошење за изборна кампања од 180 на 90 денари по запишан избирач, но и забрана медиумите да се јавуваат како донатори на изборна кампања. Социологот Петар Атанасов, вели дека мора да се содадат основни предуслови за фер и демократски избори.

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

„Ако помеѓу позицијата и опозицијата се најде согласност за Изборниот законик, тогаш барем формално би биле исполнети условите за избори. И тука опозицијата не смее да отстапи. Ако нема согласност, тогаш, опозициската борба треба да ги употреби сите дозволени средства за да се блокира еден ваков самоволен акт на владејачката партија -сугерира Атанасов.

Теренска проверка на гласачите

Една од значајните препораки на ОБСЕ/ОДИХР се однесува на целосна ревизија на избирачкиот список, која е круцијална за обезбедување гаранции за фер изборен процес. Според Уставот, секој полнолетен граѓанин државјанин на Македонија има право на глас, но според Изборниот законик во гласачкиот список може да биде запишано и да гласа само лице кое е полнолетно, има државјанство и важечка исправа. Заклучно со 30 септември 2012. година, во Македонија беа регистрирани околу 140.000 државјани со право на глас, кои немаат валидни исправи. Иако до ноември таа бројка се намалила за околу 7.000 лица кои обезбедиле биометриски пасош или лична карта, не се очекува бројката од „фантомски гласачи“ да падне под 100.000. Бедредин Ибраими, член на Државната изборна комисија (ДИК) и претседател на Работната група за проверка на списокот, вели дека најдобар пристап за решавање на проблемот е да се изврши теренска проверка. Ако Владата одобри средства, на терен ќе се проверува дали запишаниот избирач во списокот навистина постои на конкретната адреса.

„Трошокот би бил околу 150 денари за еден проверен гласач. Проверката треба да одговори дали и колку од овие лица се во Македонија, во странство, колку се починати и зошто не извадиле биометриски документи“,  вели Ибраими. Според Јани Макрадули, претставник на СДСМ во Работната група, ако се знае дека резултатите во некои општини завршуваат со разлика од четири-пет гласа, овој проблем мора да се реши. Работната група треба да ја демистифицира и дилемата околу наводните фиктивни гласачи што се појавија во Ресен и неколку други општини, каде постои сомнеж за селење на електоратот. Побарано е од МВР да достави прецизен список на издадени лични карти во последните шест месеци.