1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Членство на Македонија во НАТО му е потребно и на регионот

Милчо Јовановски 20 февруари 2009

Во Охрид се одржува дводневна меѓународна конференција посветена на евроатлантската интеграција на Македонија. Конференцијата е во организација на Балканскиот клуб, а учествуваат повеќе политичари и експерти од регионот.

https://p.dw.com/p/GyFs
ОхридФотографија: dpa

„Македонија е подготвена да се најде компромис за решавање на билатералниот спор околу името со Грција, што нема да ги загрози нејзините национални интереси и достоинство, рече македонскиот премиер Никола Груевски на отворањето на меѓународната конференција „Македонија и нејзините евроатлантски перспективи“. Тој додаде дека „Грција постојано ја блокира Македонија, а пред меѓународната јавност симулира дека е за преговори“.

Решение на спорот во корист на Македонија очекува и поранешниот претседател на Турција, Сулејман Демирел, кој исто така учествува на конференцијата во Охрид. „Потребно е само трпение“, додаде Демирел.

Во Охрид отворено се слушнаа и пораките од странските учесници дека Македонија, за да постигне напредок во евроатланските интеграции, треба да затвори уште некои сегменти во кои се’ уште не покажала задоволителни резултати.

Бугарија нема да го блокира патот на Македонија кон ЕУ и НАТО

Bulgarischer Ex-Präsident Zhelju Zhelev
Поранешниот бугарски претседател Жељу ЖелевФотографија: dpa

Поранешниот бугарски претседател, Жељу Желев кој е еден од основачите на Балканскиот клуб подвлече дека е убеден оти целосното зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ, не и потребно само на земјата туку на целиот регион. „Ова прашање влијае и врз безбедноста и стабилноста на регионот.Секој друг спротивен развој би можел неповратно да ја доведе Македонија во внатрешна дестабилизација“, смета поранешниот бугарски претседател.

Поранешниот бугарски премиер Симеон Саксобурготски во дебатата констатираше дека регионот е центар на многу случувања и политички е многу чувствителен. „Но, од друга страна, за да биде довршен интересниот проект наречен ЕУ ќе треба во него да влезат сите земји, меѓу нив и Македонија.“ Тој нагласи дека неговата земја нема да ја блокира Македонија при интегрирањето во евроатланските структури.

На дводневната конференција учествуваат околу дваесетина поранешни политичари и експерти од балканскиот регион.