1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човекови права и за македонското малцинство во Грција

Тони Гламчевски19 април 2007

Парламентарното собрание на Советот на Европа ги охрабри европските влади да воведат политика на ”нулта толеранција” при кршењето на човековите права во Европа. Со тоа може да се заштити кредибилноста на Советот на Европа.

https://p.dw.com/p/AdYc
Фотографија: AP

Во препораката и резолуција усвоена по еднодневната расправа посветена на човековите права и демократијата на стариот континент, парламентарците од 46-те земји укажаа на “јазот меѓу утврдените норми на хартија и реалноста на теренот”. Според нив “дојдено е време да му се стави крај на лицемерството и да се премине од зборови на дело.”

Истовремено, во Стразбур престојуваше делегација на партијата на македонското малцинство од Грција – “Виножито”, само еден ден по покренувањето на иницијатива за изработка на извештај за положбата на македонското малцинство во Грција.

Ова беше прва ваква дебата во Европа, на која се најдоа главните европски и светски актери ангажирани во борбата за заштита на човековите права, при што беа претставени и механизмите за контрола со кои располага Советот на Европа.

Во тој контекст треба да се стави и иницијативата на петнаесетте парламентарци, кои бараат да биде изготвен извештај од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа за кршењето на човековите права на македонското етничко и јазично малцинство во Северна Грција.

“Јас сметам дека политиката на грчката влада за непризнавање на постоењето на македонското малцинство, не е во согласност со принципите на Советот на Европа.

Ние сметаме дека независно од тоа што Грција не ја ратификувала Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, таа како и секоја друга земја членка на СЕ има обврски - да ги почитува културните и етничките и другите разноликости на земјата и да не спроведува дискриминациона политика. Затоа ние сметаме дека ова прашање го заслужува вниманието на ПС на СЕ”,ни рече летонскиот парламентарец Борис Цилевич, еден од потписниците на иницијативата.

Претседателката на грчката парламентарна делегација, Елза Пападимитриу, признава дека меѓу потписниците на предлогот има и нејзини пријатели.

“Апсолутно, тоа е нивно исклучиво право да поддржат една кауза, за која сметаат дека е праведна. Јас исто така имав можност да разговарам овде во Стразбур со претставници на грчки државјани, кои се претставуваат како македонско малцинство. Според мене се претставува цела една кошница на проблеми, некои од нив се многу тешки. Во моментов, во нашиот регион со сите паралелни проблеми, тешко е да се разгледаат сите заедно. Лично сметам, бидејќи се уште немам раговарано ниту со мојата делегација, ниту со властите на мојата земја, некои од нив можат да бидат разгледани и одлучив за тоа да отворам дијалог со моите колеги”.

Како што рече г-ѓата Пападимитриу, во Палатата на Европа во Стразбур престојуваше делегација на Виножито, која имаше средба со парламентраци и претставници на СЕ, Судот за човекови права и со Комесарот за човекови права, Тома Хамарберг, кој им беше домаќин во Стразбур.

“Ние настојуваме сите овие години, да ги искористиме меѓународните организации, пред се СЕ, ОБСЕ и ООН и нашето членство во Европската Слободна Алијанса, политичка партија која делува во рамките на ЕУ. Значи во сите овие рамки, сметавме дека ќе биде корисно на една таква институција, како што е СЕ да се постави нашето прашање на едно повисоко ниво од досегашното. Ние ја пренесуваме состојбата, односно “несостојбата” на македонското малцинство и не само, туку и општата состојба на дефицитот на демократија, кога станува збор за малцински права во нашата земја.” ни рече Павле Воскопулос.

Тој е изненаден од разговорот што го водеше со парламентарката Елза Пападимитриу, бидејќи имаат многу ретко можност да разговараат со претставници на неговата држава и влада.

“По се изгледа полесно можеме да се сретнуваме во европските престолнини со нашите сограѓани, кои имаат место во грчката политичка елита или систем, отколку во самата Грција. Имено, многупати имаме барано средби со нашите министри за решавање на конкретни проблеми, како што е воведувањето на македонскиот јазик во грчкиот образовен систем или укинување на дискриминациониот закон за македонските политички бегалци. За жал, досега немавме никакви позитивни знаци кога сакаме тоа да го направиме во грција. Изгледа дека ветриштата во Европа се повеќе позитивни. Сметам дека ова беше наш прв обостран чекор за започнување на дијалог за решавање на проблемите. И се надевам дека и во иднина ќе можеме да разговараме со претставници на нашата држава, бидејќи сепак ние сме грчки граѓани и припаѓаме, односно делуваме политички во рамките на грчката држава. " завршува Воскопулос.

Делегацијата на “Виножито” на сите свои соговорници, вклучувајќи ја и претседадтелката на грчката парламентарна делегација им подари примероци од повтореното издание на “Абецедарот”, отпечатен во 1925 година од грчката влада, наменет за изучување на македонскиот јазик на децата во Егејска Македонија.