1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чоколади, играчки и плетени капи за Македонија

Силвера Падори-Кленке30 ноември 2012

Децата од Берлин и Бранденбург за врсниците од Македонија подготвија над 3.000 божиќни пакетчиња. Дечињата од Неурупин со песна и радост спакуваа 720 пакетчиња и се вклучија во акцијата „Децата им помагаат на децата“

https://p.dw.com/p/16qkt
Фотографија: DW

„Децата им помагаат на децата и јас помагам! Ајде и ти, и ќе бидеме двајца! И со уште некој, тројца , четворица, петмина. Дојди и некогаш сите ќе се тука и ќе стасаме до целта“. Оваа песничка ја испеаа децата од евангелистичката детска градинка во Неурупин, заедно со свештеникот Франк Гелке од Адвентистичката црква, поздравувајќи ја заедничката дружба и акција чија крајна цел е божичните пакетчиња од децата од Берлин и Бранденбург да стасаат до целта - децата од Македонија.
„Како се вика земјата каде што годинава ќе бидат поделени нашите пакетчиња ?“, праша Гелке! „Македонија“ во хор одговорија дечињата, главно на возраст од три до пет години! Натоварени со пакетите кои едвај можеа и да ги носат, точно навреме, во 10 часот тие стасаа во собирниот центар во Неурупин. Ги пречека Ингелоре Апелт, локален раководител на акцијата која 13 пати по ред се организира во Неурупин. Акцијата започнала практично во средината на октомври кога Апект се обратила до многуте училишта и градинки за да добие увид кој е заинтересиран да дарува, по што следело делењето специјални картони кои ги обезбедила хуманитарната организација АДРА која е и носител на проектот. Во пакетите има играчки (плишани мечиња, куклички, балони, автомобили, пластелин, креди), чоколада, бонбони, но и продукти за оддржување хигиен - четка или чешел, огледало, гумички и шноли за коса и сл.
Петгодишната Јете спаковала шал, капа, блокче, чоколадо, и чешел. И како вели дошла да види откаде ќе патува и каде ќе стаса нејзиниот пакет. На кутијата залепила и ѕвездички, да се знае дека е од неа и дека е за Божик. Макс и Алекс заеднички го стокмија подарокот. Макс донел автомобил, четка за заби, боички и чоколадо, а Алекс блокче, свирче, пластелин, кекси, бомбони и капче.

Доброволен ангажман на „плетачките“

„Си поставивме за цел во секој пакет да има шал, капа и ракавици. Овде има многу стари госпоѓи кои имат волница и плетат цела година за да можеме секој пакет да го дополниме со топли работи шал, капа, ракавици или чорапи“, вели Ингелоре Апелт. Таа објаснува дека лани биле собрани 720 пакети, а истиот број е планиран и за годинава. Згора на ова собрано е и многу облека, обувки, постелнина, пешкири и хигиенски производи кои спаковани во големи картонски кутии од банани со истиот транспорт ќе патуваат за Македонија - до домовите за деца без родители и социјалните установи кои понатаму ќе ги поделат на сиромашните семејства.
„Пакетчињата ќе се поделат во Скопје, односно во основното училиште од селото Волково. Потоа во Битола - во Домот за доенчиња, па во Центарот за социјални работи и во училиштето „Климент Охридски“ во Прилеп. Пакетите ќе стасаат и до штитениците на четити домови за хендикепирани деца во Струмица, Ново Село, Банско и Демир Капија, како и во Гевгелија, Куманово и Скопје“ , вели за ДВ Анја Емрих, координатор на Акцијата „Децата им помагаат на децата“ од хуманитарната организација АДРА.

Информации за земјата - дестинација

„Кој е главниот град на Македонија?... Скопје! Има ли Македонија море?? Сонцето е симболот на македон ското знаме“, беа дел од работите кои свештеникот Франк Гелке им ги пренесе на децата во кусата програма проследена со видео филм. Го прашавме, бил ли тој и од каде ја познава Македонија?
„Ја знам Македонија само од Интернет. Морав да се позанимавам со темата зашто на децата им се потребни ваквите информации. Минатата седмица за школските деца имавме вистински квиз. Децата мораат да знаат кај кого ќе стасаат нивните пакети, какво е секојдневието на нивните врсници, во каква земја живеат!“, објаснува за ДВ Франк Гелке, кој со песна ги дочека, но и ги испрати широкоградите мали гости од Неурупин заблагодарувајќи им се на ангажманот!

W
Свештеникот Франк Гелке им раскажа на „гостите“ за сонцето кое грее во Македонија и кое е симбол на знаметоФотографија: DW
Weihnachtspäckchenprojekt für Mazedonien
Пакетот за непознато девојче во Македонија Јете го украси со ѕвездички!Фотографија: DW