1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чувар на наследството

25 март 2010

Деновиве починатиот Волфганг Вагнер, внук на славниот композитор Рихард Вагнер, со децении беше на чело на музичкиот фестивал во Бајројт. Некои го критикуваа за конзервативност, но неспорни му се заслугите за фестивалот.

https://p.dw.com/p/MbCT
Волфганг Вагнер пред операта во БајројтФотографија: picture-alliance/dpa

„Парсифал“ е првата опера со која бил отворен обновениот фестивал во Бајројт по Втората светска војна. За тоа беше заслужен пред се‘ Волфганг Вагнер, кој во првите повоени години со својот мотор крстарел низ разурнатата Германија барајќи спонзори. Во тој период, кон почетокот на педесетите, малкумина во земјата се интересирале за опера и за Вагнер: „Да, имаше два големи проблема. Од една страна финансирањето - не смее да се заборави дека изворниот фестивал под раководство на Рихард Вагнер пропаднал поради финансиите. Исто така некои Германци биле против фестивалот. Тие никогаш не би успеале без странците. Германците имаа предрасуди поради пријателството на мојата мајка со Хитлер“, се сеќаваше подоцна Волфганг Вагнер.

Двајца браќа на чело на фестивалот

Peter Schneider
Германскиот диригент и оперски пејач Петер ШнајдерФотографија: picture-alliance / dpa


Волфганг Вагнер од 1951 година го водеше фестивалот заедно со неговиот брат Виланд, а по неговата смрт во 1966 година, тој продолжи сам. Како уметник, односно како режисер, тој беше многу оспоруван. Многумина сметаа дека е премногу конзервативен и во тој поглед стоеше во сенката на неговиот брат. Но, тој беше добар за организација и менаџмент. Волфганг Вагнер во Бајројт донесе светски познати пејачи, режисери и диригенти. Така од малата оперска куќа, каде се одржува фестивал еднаш годишно, тој создаде вистинска „работилница“ на едно уметничко дело кое постојано се развива.

Волфганг Вагнер го спаси фестивалот во Бајројт, смета диригентот Петер Шнајдер: „Тој се грижеше за се‘, доаѓаше на проби, сум го видел како во кантината ѕирка во тенџерињата за да види што е зготвено и дали е се‘ во ред. Тој имаше извонредно музичко образование.“

Подмладување на митот

Во март 1999 година, Волфганг Вагнер одлучи дека е време да побара свој наследник во водството на фестивалот. Но, тоа беше макотрпен процес. Некои членови на кланот Вагнер со години се караа и надитруваа околу наследството. Кога кон крајот на 2007 година починала втората сопруга на Вагнер Гудрун, која повеќе од 25 години беше негова десна рака, Волфганг Вагнер ја донесе одлуката да го предаде фестивалот во рацете на неговите две ќерки, Ева и Катарина Вагнер.
Rücktritt Wolfgang Wagner, Nachfolger, die Töchter Katharina Wagner und Eva Wagner-Pasquier
Катарина Вагнер и Ева Вагнер-Паские ја наследија раководната позиција на фестивалотФотографија: picture-alliance/ dpa


Со тоа на таканаречениот „зелен рид“ во Бајројт започна нов период. Финансиската состојба беше се‘ потешка, а на уметнички план дојде до освежување. Се‘ повеќе се преферира модерната т.е. „режијска опера“, а фестивалот во истовреме се отвара кон широката јавност и престанува да биде ексклузивна забава за одбраните.

Волфганг Вагнер, кој во 2007 година скоро целосно се повлече од јавноста, својот 90-ти роденден неодамна го прослави во кругот на семејството. Почина заспивајќи тивко во неделата на 21 март, изјави неговиот портпарол за медиуми.

Автор: Дитер Давид Шолц/Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска