1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шалке и натаму без победа во Лигата на шампионите

29 септември 2005

...но добро се претстави во нерешениот натпревар против Милан. Реми во дуелот Ливерпул – Челзи, изненадување во Порто.

https://p.dw.com/p/AekN

Германскиот вицешампион Шалке пред својата публика покажа висок спортски морал и на два пати успеа да анулира предност на славниот противник. Првиот шок за домаќинот уследи по само 21 секунда од играта, кога Зедорф го доведе Милан во водство. Веќе во третата минута Ларсен го изедначи резултатот. Шевченко во 59-тата минута му го донесе второто водство на Милан, но ни тоа не ги обесхрабри фудбалерите на Шалке и како награда за нивниот голем ангажман и смелиот начин на кој му се спротивставија на великанот од Милано дојде израмнувањето постигнато преку Алтинтоп во 70-тата минута. „Во краен биланс мислам дека гледачите доживеаја вистински прекрасна фудбалска вечер, во која можеа да видат се’. Но, таков противник не се добива секој ден“ – сепак беше задоволен капитенот на Шалке, голманот Франк Рост.

Во рамките на Е-групата Фенербахче во Истанбул го победи холанскиот тим ПСВ Ајндховен со 3 спрема 0. Милан има 4 бодови, Фенербахче и ПСВ по три, Шалке еден. Во наредното коло Шалке му гостува на Фенербахче.

Пораз на Порто од аутсајдерот од Словачка

Во Ф-групата Реал во Мадрид го совлада грчкиот тим Олимпијакос од Пиреа со 2 спрема 1. Олимпик од Лион на гостувањето во Трондхајм, Норвешка, го победи Розенборг со 1 спрема 0 и е единствен во групата со две победи и шест бодови. Розенборг и Реал имаат по три, Олимпијакос е без освоен бод.

Во Г-групата репризата на дуелот од полуфиналето на минатата Лига на шампионите Ливерпул – Челзи донесе нерешен разултат без постигнати голови. Обете екипи сега имаат по 4 бодови. Шпанскиот тим Бетис од Севилја со победата со 1 спрема 0 против Андерлехт во Брисел ги освои првите три, додека белгискиот претставник е без бодови.

Големо изненадување приреди словачкиот тим Артмедиа од Братислава, кој како гостин го совлада поранешниот европски првак Порто со 3 спрема 2, иако домаќинот имаше водство од 2 спрема 0. Во другата средба од Х-групата Интер во Милано го победи тимот на Глазгов ренџерс со 1 спрема 0 и води на табелата со 6 бодови. Артмедиа и Глазгов ренџерс имаат по три, славниот Порто е без бодови.

Зоран Јордановски