1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шампионот загуби од новајлијата во лигата

12 септември 2011

Победа на Магат против својот поранешен тим, фестивал на голови во Минхен, шампионот Дортмунд изненаден пред домашна публика. Тоа се насловите од 5-то коло во германската Бундеслига кое се одигра викендов.

https://p.dw.com/p/12XD7
Шампионот на колена! Андре Мијатовиќ (Херта) ја прославува победата над ДортмундФотографија: dapd

Колку неочекуван пораз! Шалке го имаше под контрола натпреварот против Волфсбург на нивниот поранешен тренер Феликс Магат. Водство од 1:0 преку Раул и безброј шанси за втор погодок. Со неочекуваното израмнување Волфсбург го сврте натпреварот во своја полза и со подобра игра до крајот на мечот стигна и до победа од 2:1. Големо олеснување и за бранителот на Волфсбург, Патрик Окс.

„Загубивме во последните три меча, имавме само три бода и сакавме победа. Доколку денеска повторно загубевме или одигравме нерешено ќе беше многу тешко во наредниот период. Ова е многу важна победа за нас. Можевте да видите колку се радувавме и славевме. Тоа беше многу важно“, рече Окс.

На првата победа пред домашните навивачи и натаму чека тимот на Келн. Во поразот од Нирнберг од 2:1, капитенот Геромел на два пати направи пенал, а гостите ги реализираа и двата удари од белата точка. Келн се разбуди предоцна, повторно ги правеше познатите грешки во одбраната и на крајот можеше да загуби и поубедливо.

„На почетокот игравме со страв. Кога бевме во негатива од 2:0 целиот концепт се распадна. По нашиот гол се вративме во игра, одигравме добро и во вториот дел, но проблемот беше нашата лоша реализација“, изјави фудбалерот на Келн, Мартин Ланих.

„Седумка“ за Бајерн

Празник на фудбалот за навивачите на Бајерн, кој во Минхен го совлада Фрајбург со 7:0. Минатогодишниот прв стрелец Марио Гомез постигна 4 гола.

„Мораме да го искористиме добриот правец во кој се наоѓаме и да продолжиме напорно да работиме. Тренерот не’ предупреди дека по репрезентативните настапи не смееме ништо да подаруваме. Мислам дека денеска на теренот го дадовме вистинскиот одговор. Секој од нас“, изјави Гомез.

Fußball, 1. Bundesliga 5. Spieltag, Bayern München - Freiburg
Испратени дома со седумка во мрежата! Тренерот на Фрајбург Маркус ЗоргФотографија: dapd

Изненадувачки пораз на бранителот на титулата Борусија Дортмунд пред домашните навивачи против новајлијата во лигата Херта.

„Немавме свој ден за разлика од Херта која одигра одлично. Во второто полувреме и двата тима имаа многу шанси. Се’ на се’, беше тоа заслужена победа на Херта. Тоа мораме да го прифатиме и да одиме понатаму“, рече тренерот на Дортмунд, Јирген Клоп.

Вердер подобар во „северното дерби“

Уште еден тежок пораз за Хамбургер, овој пат во северното дерби на гостувањето кај Вердер, од 2:0. Двократен стрелец беше Перуанецот Клаудио Пизаро.

„Ова беше дерби, а дербито не смее никогаш да се загуби. Мора да се игра до последната минута и ние тоа денеска го сторивме. Заслужено победивме“, изјави Пизаро. Со трите бода, Вердер ја дели првата позиција со Бајерн Минхен.

Fußball, 1. Bundesliga 5. Spieltag, SV Werder Bremen - Hamburger SV FLASH-GALERIE
Незапирливиот Клаудио Пизаро, најзаслужен за победата на ВердерФотографија: dapd

Трета е Борусија Менхенгладбах која минатата сезона се спаси од испаѓање во последното коло. Во саботата, Менхенгладбах ја прослави третата победа во новата сезона, на домашен терен против Кајзерслаутерн.

Заврши успешната серија на Хановер по поразот од 3:0 на гостувањето кај Штутгарт. Хофенхајм го изненади Мајнц, совладувајќи го на гостински терен со 4:0. Македонскиот репрезентативец Николче Новески си постигна автогол на мечот. Во петокот, победа од 4:1 на гостувањето кај Аугсбург забележа и Бајер Леверкузен.

Автор: Андреас Стен Цимонс/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска