1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шангајската група има шанси да стане значаен фактор

16 август 2007

Денеска во главниот град на Киргизија, Бишкек, се среќаваат шефовите на држави или влади на годишниот самит на Шангајската организација за соработка.

https://p.dw.com/p/BUwX
Во подножјето на планинскиот масив Тјеншан се наоѓа главниот град БишкекФотографија: AP

Фотографиите секоја година се слични: рускиот и кинескиот претседател еден до друг во некоја свечена сала заедно со нивните колеги од четирите централно-азиски држави, сите во коректни темни костуми: семејна фотографија. Досега Шангајската организација во западните медиуми беше третирана само маргинално, токму на одржувањето на самитите. Во Западна Европа и САД многумина ја посматраат со недоверба. Но, сепак таа заедно претставува една четвртина од светското население и располага со енормни енергетски потенцијали. Главно се зборува за анти-НАТО групација или за иден азиски енергетски картел. Меѓутоа, ваквите описи се кусогледи, вели Гудрун Вакер, шефица на групата за Азија од берлинската фондација за наука и политика:

„И натаму во заедничките декларации има анти-американски тонови, меѓутоа земјите учеснички имаат многу повеќе интерес за соработка. Не станува збор за тоа дека се обединиле против Запад„.

Она што ги поврзува овие држави се заедничките проблеми. Првобитно беше формирана поради граничните спорови, сега тежиштето е насочено кон борбата против тероризмот и сепаратизмот. Уве Халбах, експерт за централна Азија, и припишува растечко значење во регионот:

„Шангајската организација, во изминатите две-три години,стана значајна тема во надворешната политика на Русија и на централно-азиските држави. Притоа, безбедносната политика игра многу голема улога„.

Шангајската организација не е насочена против никого, изјави рускиот претседател Владимир Путин на минатогодишниот самит во Шангај:

„Имаме доволно искуство. Нашата организација има отворен карактер и не им е конкуренција на други. Ние сме против затворени клубови и линии на поделби во регионот„.

Неколку години, статус на посматрачи имаат Монголија, Иран, Индија и Пакистан. За Авганистан постои контакт-група. Експертката за Азија, Гудрун Вакер сепак, не смета на брзо проширување на Шангајската организација, но гледа јасни сигнали за нејзино долгорочно постоење:

„Во 2001 година, по 11 септември, многумина посматрачи и предвидоа брз крај на Шангајската организација велејќи: 11 септември покажа дека оваа организација не е способна да дејствува. Но, оттогаш, мора да се каже, Кина и Русија вложија големи напори да ја поставт врз солидна основа и институционално, па затоа се разви и соодветно влијание„.

Постојат и многу заеднички планови: засилена соработка во енергетиката, основање банка за развој за регионални инвестиции, долгорочно и слободна зона за трговија. Сето ова е насочено кон иднината, но покажува дека Шангајската организација е повеќе од наводно „анти-западен„ сојуз. Дури и ако од годинашниот самит до јавноста не стигне повеќе од традиционалната групна фотографија.