1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шансите да се добие датум за преговори се реални

28 јули 2009

Советот за стабилизација и асоцијација ЕУ-Македонија го поздрави позитивниот развој на Македонија при исполнувањето на условите за укинување на визите и напредокот во исполнувањето на „бенчмарковите“.

https://p.dw.com/p/IyXP

Советот за стабилизација и асоцијација, кој одржа седница вчеравечер (27.07.2009) во Брисел, заклучува дека Македонија ги исполнила сите услови од првата етапа на патот кон ЕУ и дека сега треба да се премине во втората фаза. Македонија има реални шанси да добие позитивен извештај и препорака за почеток за преговори со ЕУ, под услов ако ги исполни преостанатите задачи што и‘ ги постави Европската комисија. Во таа прилика, Европската унија и‘ препорача на македонската влада да продолжи со напорите за да ги исполни сите услови пред објавувањето на извештајот на Европската комисија.

„Мислам дека правиме добар напредок. Постојат отворени прашања на кои работиме. Имавме можност да ги размениме нашите погледи и за состојбата во Западен Балкан“, рече министерот за надворешни работи на Шведска Карл Билт, чија земја претседава со ЕУ.

Според министерот за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски, земјата се чувствува подготвена и мотивирана да оди напред по ова прашање.

„Октомврискиот извештај е нашиот приоритет за да ги исполниме условите, за да и‘ дозволиме на Европската комисија да препорача почеток на преговорите за членство во Унијата до крајот на годинава,“ рече Милошоски.

Beligen EU Präsidentschaft Schweden Carl Bildt
Карл Билт: „Направен е добар напредок„Фотографија: AP

Откако е оценето дека изборите беа спроведени според меѓународните стандарди, Брисел сега бара да се исполнат што побрзо препораките на ОДИХР. Поздравен е и конструктивниот политички дијалог во демократските институции, што се огледува во подобрување на работата на Парламентот, при што се советува усвојување на законот за Собранието.

Според Брисел, забележан е значаен напредок и во реформата на полицијата, а се поздравени и реформите во судството со совет да се почитуваат клучните принципи на независност и непристрасност на судската власт.

Рамковниот договор е клучен

Покрај напредокот во борбата против корупцијата, од Македонија, се бара усвојување на Законот за финансирање на политичките партии, како и измени на законот за јавната администрација и подобра обука на вработените во неа.

Советот за стабилизација и асоцијација констатира дека Рамковниот договор е клучен елемент од политичките услови за интеграција на Македонија во ЕУ, при што се бара целосно спроведување на Законот за јазиците и интеграција на етничките заедници во образовната област. Брисел смета дека е потребно Македонија да направи напори за ефективно да се гарантира слободата на изразување, во што се подразбираат и медиумите.

Во заклучоците од заедничкиот состанок уште еднаш е повторено дека регионалната соработка и добрососедските односи се еден од главните делови на процесот на проширување на ЕУ.

Да не се игра адвокат на ѓаволот

Инаку, грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани, во Брисел уште еднаш се закани дека нема да има преговори за Република Македонија се‘ додека не се најде решение за спорот со името, па дури и ако Европската комисија го препорача тоа во октомври. Сепак, комесарот за проширување Оли Рен верува дека е можно да бидат пронајдени решенија за билатералните проблеми. Овие прашања, според Рен, биле разгледувани едно по едно со соодветните земји со надеж дека ќе бидат надминати пречките, со што балканските земји ќе бидат уште повеќе интегрирани.

EU Olli Rehn
Оли Рен е оптимист за проблемот со иметоФотографија: picture-alliance/dpa

„Не треба да се игра адвокат на ѓаволот. Мислам дека постојат се‘ уште реални можности да се најде решение за името. Двете земји се искрено ангажирани на патот за изнаоѓање решение, при што може да се смета на посредништвото на Метју Нимиц“, вели Рен.

Од своја страна, шефот на шведската дипломатија Карл Билт беше многу поумерен околу оптимизмот на Рен дека Македонија и Грција можат да го решат проблемот со името и Македонија да ги почне преговорите, велејќи дека решавањето на проблемот со името е во интерес на двете страни.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска