1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарија, Брегзит и ЕУ

Џенифер Вагнер
18 јануари 2019

Не само Британците, туку и Швајцарците имаат климави релации со ЕУ. Но, додека Велика Британија се оддалечува од ЕУ, Швајцарија ѝ се приближува и планира еден контроверзен договор.

https://p.dw.com/p/3BjM2
Schweiz Bern - Aktion für eine unabhängige und neutrale Schweiz
Швајцарија и ЕУ - компликувана приказна, што го докажуваат и протестните акцииФотографија: picture-alliance/dpa/KEYSTONE/A. Anex

ЕУ ја одредува политичката и економската иднина на Европа, но има една мала површина која не е под нејзина „капа“. Малото галско село е Швајцарија. На прв поглед, оваа земја во централна Европа нема ништо заедничко со Велика Британија, но тоа почнува да се менува. Додека Британците со Брегзит се трудат се дистанцираат од ЕУ, Швајцарија сѐ повеќе ѝ се приближува на економската и заедницата на вредности.

Внатрешнополитички ова предизвика голема дебата. Актуелниот случај го засега „Институционалниот рамковен договор" помеѓу Швајцарија и ЕУ. Повеќе од пет години Швајцарија преговара за овој договор со кој треба да се гарантира рамноправна и ефикасна соработка помеѓу ЕУ и Швајцарија.

Кој одлучува, Берн или Брисел?

ЕУ и Швајцарија имаат тесни врски, иако Швајцарија не е членка на Унијата. Тоа се базира на мрежа од стотина билатерални договори. Рамковниот договор треба попрецизно да регулира одредени точки и да ја поедностави соработката. На пример, спорна точка е таканаречената Директива за граѓаните на ЕУ со која се регулира движење на лица во рамките на Унијата. Брисел бара од Швајцарија да ги преземе европските регулативи. Швајцарија пак стравува дека со тоа граѓаните на ЕУ ќе имаат можност за социјални бенефиции во Швајцарија, како социјална помош или право на долгорочен престој. Иако е направено сѐ и предвидени се можните исклучоци, сепак тоа им предизвикува главоболка на Швајцарците. Она што му стои на патот на Рамковниот договор со ЕУ, е она што е ДНК на Швајцарија. „Договорот бара динамично преземање на правните одредби, а тоа е тешко да се спои со директна демократија и федерализам", објаснува правникот за европски прашања Андреас Глазер од Универзитетот Цирих. „Поради тоа ентузијазмот е ограничен".

Andreas Glaser, Universität Zürich
Фотографија: UZH/Frank Brüderli

Повеќе: Охрабрувачка вест од Швајцарија

Економијата може да профитира

Економијата се изјаснува недвосмислено позитивно за поддршка на овој Рамковен договор. Бидејќи таа, на крајот на краиштата, ќе профитира од ова, без обновување на договорите кои претходно претставувале трговски бариери, проценува правникот Глазер.

Влијателниот швајцарски сојуз на претприемачи Еконономисвис проценува дека Рамковниот договор ќе ја подобри ситуацијата во Швајцарија. „Претпремачите секако дека имаат интерес да бидат интегрирани на заедничкиот европски пазар, на поедноставен начин и за што помали трошоци. Затоа овие сојузи се големи поддржувачи на договорот", појаснува Глазер.

Швајцарскиот парламент – кој ја оформува владата – испраќа различни сигнали. Десните популисти (СВП) сакаат да се борат против договорот, социјалдемократите (СП) сметаат дека во моментов договорот нема поддршка од мнозинството, а за либералите (ФДП) европското прашање засега не е приоритет. Само конзервативната ЦВП може да му се радува на Рамковниот договор со одредени ограничувања. „Ако институционалниот договор биде прифатен, тоа ќе биде само од економски причини, што пак нема да има никаква врска со ентиузијазам или еуфорија поврзана со Европа“, анализира Глазер.

Schweiz Bern - Albert Roesti: Parteipraesident bei Delegiertenversammlung der SVP
СВП сака да го спречи Рамковниот договор со ЕУ (фото: лидерот на СВП, Алберт Рести и дел од членовите на партијата)Фотографија: picture-alliance/KEYSTONE/P. Klaunzer

Паралели со Брегзит-хаосот

Правникот Андреас Глазер смета дека има паралели на дебатата во Швајцарија и хаосот поради Брегзит во Велика Британија: „Во двете ситуации нема единствена појдовна преговарачка позиција. Ниту во владата во Швајцарија ниту во Обединетото Кралство не преовладува единствен став по прашањето. Културата на преговори двете земји ги вовлече во турбуленции со ЕУ: и двете земји се разликуваат од останатите и затоа предизвикуваат проблеми.

Повеќе: Брегзит: Меј останува на функцијата, но останува и притисокот

Британците и Швајцарците се прагматичари , вели правникот Глазер и посочува дека бараат решенија кои не се многу теориски издржани, ниту естетски убави како што ги сака ЕУ. Унијата мора да ги држи сите земји на иста линија и да ги расчисти политичките контроверзи. Стратегијата не функционира ниту во Швајцарија ниту во Велика Британија. Глазер смета дека ЕУ би можела за одделни земји да излезе пресрет и да се откаже од политичките игри на моќ. „Не верувам дека на ЕУ навистина ќе ѝ падне круната ако попушти во неколку точки за да ги задоволи двете земји.”

Во споредба со Британците, Швајцарците имаат предност со тоа што одлуката „за“ или „против“ договорот не е временски врзана.