1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарија - мека за француските даночни бегалци

Даниел Хехлер/ Зоран Јордановски16 јули 2012

Богатите Французи се тресат од новиот претседател Франсоа Оланд и ги пакуваат куферите. Нов дом наоѓаат во Швајцарија, каде што не мора да плаќаат високи даноци. Сепак, работите не се исти како пред 30 години.

https://p.dw.com/p/15Osh
epa02901275 A file picture dated 08 June 2011 shows a woman changing Swiss francs to Euro at a counter in Kreuzlingen, Switzerland. The Swiss National Bank (SNB) has decided to fix the country's exchange rate at 1.20 francs per euro on 06 September 2011. The SNB indicated it would buy an unlimited amount of euros regardless of the risk to maintain that value. EPA/ENNIO LEANZA
SNB Schweizer NationalbankФотографија: picture-alliance/dpa

Малку земјоделство, малку туризам и една фабрика за часовници во близината - тоа е се’ во Порантри, тивко гратче со 6500 жители, во близина на границата со Франција. Многумина веќе го напуштија. Но, сега Порантри се поврзува во француската мрежа на супер брзи возови. До Париз ќе се стигнува за околу два часа. Се’ ќе биде поинаку, смета кантоналниот министер за финансии.
 

Шарл Жијар, министер за финансии на кантонот Јура истакнува: „Тоа создава сосем нова динамика, регионот се буди. Владее нов дух на отвореност кон светот, кому му покажуваме дека уште не има и дека секој е добредојден“.

Особено добредојдени се богати Французи, кои овде засновуваат дом. Посредници за недвижности, како Пјер-Андре Шаријат и неговата заносна асистентка имаат соодветни понуди, оваа вила, на пример: 350 квадратни метри, луксузен ентериер, фантастична панорама - се’ за само два милиона евра - багатела за швајцарски услови. Има многу заинтересирани од Франција, вели Шарио. Но, тие имаат уште еден мотив: чист страв.

Hütte vor Berglandschaft
Богатите Французи засноваат нов дом во швајцарската идилаФотографија: DW

„Можам да сфатам дека индустријалци, кои цел живот напорно работеле и достигнале одредена благосостојба, сега се плашат. Повеќе од разбирливо е и дека сакаат да дојдат овде“, подвлекува Пјер-Андре Шаријат, посредник за недвижности.

Сето тоа е поради новиот француски претседател Франсоа Оланд и неговата намера да ја покачи највисоката даночна стапка на 75 проценти, како и даноците на наследство и на добивки од камати. За богатите - ужас. Откако се навести неговата победа, не престанува да ѕвони телефонот на Шариат. Швајцарија привлекува богати странци со ниски паушални даноци, а наследството воопшто не се оданочува. Поради тоа, минатите месеци само во Порантри се доселија околу 50 Французи.

„Има претприемачи, лекари, уметници, а и еден познат актер. Сите имаат значително богатство и сакаат да се населат во природа, во убаво, сигурно опкружување со пријатни луѓе, и со добри врски кон големите центри. Се разбира, важна им е и дискрецијата“, вели Пјер-Андре Шаријат.

Symbolbild Steueraffaire Daten CD Schweiz Deutschland
Во Швајцарија парите остануваат во сопствениот џебФотографија: picture alliance / dpa

Се убедивме и самите: никој не сака да го снимаме. Но, заспаното гратче навистина доживува извесен полет. Неодамна еден Французин го купи овој блок од згради, а во бутиците почесто можат да се видат елегантно облечени Французинки, како што задоволно констатира овој сопственик на продавница.

„Како бизнисмен го чувствувам тоа и се радувам за секој нов муштерија - дотолку повеќе, ако има пари“, подвлекува Жан-Клод Мерсие.

Женева - дестинација за богатите Французи

Во Женева се’ е за еден број поголемо - но трендот е ист. Богати Французи одамна има во градот, кој отсекогаш бил атрактивен домицил за француските даночни бегалци, а посебно многу по победата на Оланд на изборите. Адвокатот специјализиран за даноци Филип Кенел од јануари наваму веќе пресели во Женева 12 Французи, инаку бројка вообичаено за цела година. А интересирањето постојано расте.

„По изборите добивам многу повици и мејлови. Бидејќи како адвокат морам да патувам кај моите клиенти, сега често одам во Франција“, вели Филип Кенел, даночен советник.

Преселбата во Женева секако не е ефтина. Минатата година експлодираа цените на недвижностите. За оваа вила заинтересираните би морале да избројат околу 16 милиони евра. Но, и покрај таквите цени, повторно се јавуваат кандидати од Франција, задоволно регистрира посредникот Грегори Маршан. Една група од Париз дојде минатата недела да разгледа. „За меѓународни клиенти Женева не е скапа. Станови во центарот на Париз се уште поскапи, отколку една ваква вила овде, така што ова се исплати“.

Der Eiffelturm in Paris
Ајфеловата кула останува во спомените, а во Швајцарија може да се најде во мини изданиеФотографија: picture-alliance/dpa

Сево ова потсетува по малку на времето од пред 30 години, кога социјалистот Франсоа Митеран стана претседател на Франција. Богатите се тресеа од страв, Швајцарија привлекуваше и многумина побегнаа во Женева. Но, тогаш цените на недвижностите беа поповолни, банкарската тајна посигурна, банкарите поотворени.

„Денес повторно го гледаме феноменот, Французите да се селат во Швајцарија. Но, сега луѓето веќе не ги носат овде скриените, непријавени пари. Банкарската тајна попушта и најголемиот дел од банките веќе не ги примаат таквите пари“, подвлекува Кенел.

Дури и ако на крајот само неколку стотици милиони бидат префрлени од Франција во Швајцарија, Порантри овој пат ќе добие дел од тоа. А за богатите Французи да се чувствуваат како дома, во центарот е направена мини Ајфелова кула, како мало добредојде.