1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странците надвор?

Карла Блајкер / Елизабета М. Фиданоска9 февруари 2014

Граѓаните на Швајцарија денеска (9.02) гласаат за заострување на законите за доселување. Прашањето гласи - треба ли странските работници од земјите на ЕУ и натаму да смеат да доаѓаат во Швајцарија без ограничувања?

https://p.dw.com/p/1B5i3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Швајцарија не е членка на ЕУ, но граѓаните на ЕУ сепак од 1999 година смеат речиси без ограничувања да се доселуваат и работат во Швајцарија. Сега Договорот за слободно движење е ставен на тест. На референдум граѓаните се изјаснуваат околу „Иницијативата против масовно доселување“, поднесена од Швајцарската народна партија (СВП). Оваа деснопопулистичка партија бара ограничување на бројот на мигранти и утврдување контингенти. Досега во Швајцарија годишно доаѓаат околу 80.000 доселеници. Земјата има 8,1 милиони жители. Тоа, како што пишува неделеникот „Цајт“, е најголем пораст на населението во Швајцарија од 1960-тите. Швајцарија годишно расте по број на жители за еден цел град како што е Луцерн.

„Пука по сите шавови“

„Иницијативата ја поднесуваме поради тоа што се преминати сите граници“, изјави лидерот на СВП Тони Брунер за Зидвест Рундфунк. „Имаме премногу доселување. Со нашата иницијатива Швајцарија повторно ќе си ги врати компетенциите за сама да воведува ограничувања и да селектира на пазарот на работна сила.“

Потпретседателот на СВП и главен идеолог, Кристоф Блохер, тврди дека без големиот број странци, кој во Швајцарија изнесува околу 23%, на неговата земја би и‘ одело подобро. „Сите проблеми што ги имаме се должат на тоа“, вели Блохер и додава: „Нема доволно простор, нема доволно станови, има притисок на платите, има проблеми во училиштата, пука по сите шавови.“

Schweiz SVP-Politiker Christoph Blocher
Кристоф БлохерФотографија: Fabrice Coffrini/AFP/Getty Images

Сите останати партии се против иницијативата на СВП. Тие на десните популисти им префрлаат дека шират паника и предупредуваат од опасноста од изолација на Швајцарија. Граѓанската демократска партија (БДП) стравува од негативни последици по земјата доколку бројот на работници од странство се ограничи драстично.

Широко распространет расизам?

Но за иницијативата не гласаат политичарите во парламентот, туку народот. А тука мислењата за странските сонародници не се само позитивни.

„Во Швајцарија премногу луѓе кои тенденцијално се расисти“, вели Андреас Грос, член на парламентот од Социјалдемократската партија на Швајцарија (СП). Тој ги знае поплаките на своите сонародници за преполнетите градови и дампингот на платите, но сепак оценува дека „многумина Швајцарци се загрижени и колку им оди подобро тие се се‘ повеќе загрижени“. Грос нема разбирање за поплаките на високо ниво или за иницијативата со која се бара намалување на странските работници: „Нам ни оди добро како ретко кога досега и тоа е благодарение на луѓето кои работат овде“, изјави Грос за Дојчландфунк.

Andreas Gross Europarat Abgeordnete
Андреас ГросФотографија: dapd

Меѓу нив има и многу Германци, како Јенс Екштајн, лекар на Универзитетската клиника во Базел. Тој во Базел дошол поради подобрата плата и лично немал искуство со изразување непријателство кон него како странец. „Многу ме ценат, инаки не би бил овде“, рече Екштајн за Хесише Рундфунк.

Швајцарија има обврзувачки договор со ЕУ. Договорот за слободно движење е дел од пакетот од седум договори со ЕУ. Ако еден од партнерите сака да се повлече од само еден од тие договори, тогаш и другите ја губат својата важност. Тоа значи дека на коцка се става, на пример, слободниот пристап во внатрешниот пазар на ЕУ, со неговите 500 милиони муштерии. А него Швајцарија сигурно не сака да го загуби. Конечно 60% од швајцарскиот извоз оди во ЕУ.