1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шврговски: Замрзнувањето на сметките не е преседан

28 јануари 2011

Програмата на телевизијата А1 и денеска продолжува да зрачи од пред зградата на Владата во Скопје, како реакција на блокирањето на сметката на телевизијата. Јавниот обвинител тврди дека ваквиот случај не е преседан.

https://p.dw.com/p/106iB
А1 емитува информативна програма од пред македонската владаФотографија: Petr Stojanovski

Откако судот донесе одлука да ја замрзне сметката на телевизијата А1 и уште десетина фирми од Перо Наков без број, новинарите излегоа на улица во знак на револт, но и предупредување дека акцијата имала за цел затворање на телевизијата. Главниот и одговорен уредник на телевизијата Младен Чадиковски вели дека немале друг избор за да го изразат револтот, а воедно и да ја анимирале домашната и странска јавност за она што се случувало со демократијата во земјата.

Јавното обвинителство денеска официјално соопшти дека бил издаден налог за привремено замрзнување на сметките на А1 и другите фирми од случајот Пајажина заради обезбедување на петипол милиони евра, колку што се смета дека Велија Рамковски ја оштетил државата. Јавниот обвинител Љупчо Шврговски на прес-конференција изјави дека ваквиот случај не бил преседан и досега се применувала во предистражна постапка.

Ljupco Svrgovski Staatsanwalt Mazedonien
Љупчо Шврговски, јавен обвинителФотографија: Petr Stojanovski

„Сугестиите на експертите од Европа беа дека ние мораме многу почесто да ги применуваме овие инструменти и инструментот конфискација на имот, коишто за жал во минатото беа многу слабо експлоатирани. Ние сметавме и сметаме дека е ова најефикасен начин и од тие причини се решивме за оваа постапка. Постојат во самата извршна постапка инструменти, доколку не може на овој начин да се реализира долгот, односно имотот што е стекнат на криминален начин ќе се применуваат одредбите од извршната постапка, ќе се пристапува сигурно кон одземање на недвижности, доколку ги има,“ изјави Шврговски.

Адвокатскиот тим на Рамковски, кој реагираше на тајмингот во кој се применува вакво решение, најавува жалба. Адвокатот Миодраг Вујиќ вели дека имале аргументи и смета дека со ваквиот епилог биле создадени услови за укинување на мерката притвор за осомничените.

Mazedonien Presse TV Sender TV A1 in Skopje
Граѓаните се потпишуваат на местото од каде А1 емитува програмаФотографија: Petr Stojanovski

Апел на новинарите за непречено функционирање на телевизијата

Синдикатот на новинарите и Здружението на новинарската фела апелираат до надлежните институции да ја преиспитаат одлуката и да ги овозможат сите законски услови за непречено функционирање на засегнатите медиуми додека трае истрагата за случајот Пајажина. Новинарот Ида Протуѓер, претседател на советот на честа на ЗНМ, смета дека работењето на сопственикот на А1 е работа на институциите, кои тоа треба да го расчисти: „За мене е индикативно што после толку написи и повици да се стави ред и за нелегалните бизниси на сопственикот на А1, кога постоеја сомневања кај другите медиуми, не се отвораше апсолутно никаква истрага кога тој медиум беше со ставови блиски на владините, а кога почна да ја критикува власта, тогаш власта тргна да се пресметува со него. Тоа е показател дека медиумот е цел на нападот на власта и затоа велам дека е лошо за демократскиот амбиент“, вели Ида Протуѓер.

Velija Ramkovski
Велија Рамковски е во притвор од ноември минатата годинаФотографија: Petr Stojanovski

Инаку за случајот Пајажина од крајот на ноември лани во притвор се Велија Рамковски и уште 14 лица поврзани со фирмите од Перо Наков бб. Сите се осомничени за злосторничко здружување и затајување на данок.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема