1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шеесет години германска демократија

23 мај 2009

Пред шеесет години, на 23 мај 1949 година, Конрад Аденауер објави дека е донесен германскиот устав. Тогаш никој не веруваше дека по 60 години тој се` уште ќе важи и згора на тоа, ќе биде Устав на обединетата Германија.

https://p.dw.com/p/HvCN
Фотографија: ullstein bild - Reuters

Пред шеесет години, на 23 мај 1949 година, Конрад Аденауер изјави дека е донесен германскиот устав, што тогаш важеше само за Западна Германија. Поранешниот градоначалник на Келн и тогашен лидер на ЦДУ во Рајнланд четири месеци подоцна стана првиот канцелар на Сојузна Република Германија. Во мај пред микрофонот излезе како претседател на советот за основање на Уставот. Всушност, Уставот требаше да биде само провизорен. Тогаш никој не веруваше дека шеесет години подоцна тој се` уште ќе важи и згора на тоа, дека ќе биде Устав на повторно обединетата Германија. Биргит Бекер го опишува долгиот пат што мораше да се изоди, пред Конрад Аденауер во Бон да го најави стапувањето во сила на новиот Устав.

Во природо-научниот музеј „Крал Александар“ во Бон скоро една година претходно, летото 1948 година, една од големите сали беше преуредена во провизорна сала за заседавање. Парламентарниот совет, на чело со подоцнежниот канцелар, Конрад Аденауер, таму требаше да работи на „основниот закон за Сојузна Република Германија“. Но, пред пратениците да се соберат таму, требаше да се изоди долг пат. На осми мај 1945 година заврши разорувачката втора светска војна во Европа.

Уставот требаше да биде провизорен

Unterzeichnung Grundgesetz Konrad Adenauer
Конрад Аденауер го потпишува Уставот на ГерманијаФотографија: picture-alliance / dpa

Сојузничките победнички сили во Втората светска војна сакаа да спречат Германија уште еднаш да стане извор на опасност за светскиот мир. Ја поделија земјата на четири зони, што им припаднаа на четирите најголеми победнички сили: САД, Велика Британија, Франција ја сочинуваа т.н. западна зона, додека на Советскиот Сојуз му припадна источниот дел од земјата, односно источната зона.

Трите западни сили заедно раководеа со трите зони и побараа од германските политичари да изработат Устав за нова, демократска држава. За овие “татковци на Уставот“, и четирите „мајки“, беше од големо значење во неговата изработка да ги остават вратите отворени за четвртиот дел од Германија, односно источната зона.

Затоа експертите од најголемите партии беа согласни дека планираното основање на државата треба да биде само провизорно. Како место на заседавање беше избран Бон. Градот во рајнската област, дел што тогаш припаѓал на британската зона, бил лесен за пристап и од американската и од француската зона. Во Бон итно биле опремени канцеларии и станови за 65-те пратеници, а салата во природо-научниот музеј „Крал Александар“ била преуредена во собраниска сала.

Под водство на Конрад Аденауер, пратниците од западните германски земји го изработија т.н. „основен закон“, што требаше да служи како провизорен Устав, но не да биде и негова финална форма. Основниот закон требаше да ги содржи трите најважни столбови - демократија, слобода и човекови права.

Некои од пратениците мораа да се сложат и на компромис. На пример, многу „татковци“ на Уставот беа скептични за тоа дали мажите и жените треба да имаат исти права. Тоа што на крајот сепак се гарантира половата еднаквост, во најголема мера се должи на заложбите на „мајките“ на Уставот. Тука, пред се`, се вбројува пратеничката од СПД, Елизабет Зелберт.

„Ова е историски ден, промена на насоката во која се движат германските жени од Западот. Борбата што ја вложив во изработувањето на овој Устав е во служба на реформите во семејните односи, а со новиот Устав, тие се уште повеќе засилени“.

Ден во кој владееја измешани чувства

Deutsche Einheit
Источниот дел и` се приклучи на федерацијата во 1990 годинаФотографија: DHM

По жестоки дебати за секој збор во Уставот, членовите на парламентарниот совет, на осми мај 1949 година гласаа за провизорниот документ - точно четири години по завршувањето на војната.

„Дами и господа, со 53 гласа „за“ и 12 „против“, го прогласувам Уставот за изгласан“, соопшти Конрад Аденауер.

По согласноста за Уставот, дадена од претставници на западните победнички сили, како и од покраинските парламенти, со исклучок на парламентот на Баварија, тој можеше и официјално да стапи на сила на 23 мај 1949 година. Во секој случај, воените гувернери на западните победнички сили не се откажаа од окупаторскиот статус и се противеа на прифаќањето на Берлин како сојузна држава.

Сепак, денот на официјалното стапување во сила на демократскиот Устав на Германија не беше сосема среќен настан за трите западни германски зони. Политичарите тогаш со измешани чувства гласаа за него, бидејќи тој ја донесе поделеноста на Германија.

Автор: Јохен Вок / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска