1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шенгенската реформа ги скара членките на ЕУ со Брисел

Кристоф Хазелбах/ Жана Ацеска8 јуни 2012

Кој решава дали одделните членки на ЕУ сами ќе ги контролираат своите граници? Министрите за внатрешни работи решија - самите држави. Европскиот парламент се заканува со тужба.

https://p.dw.com/p/15AgR
Фотографија: AP

И досега членка на ЕУ може во одредени случаи привремено да воведе гранични контроли. Полска, на пример, тоа го прави поради Европското фудбалско првенство за да спречи влегување на хулигани од странство. Можноста постои и при непредвидени настани како природни катастрофи или терористички напади. Притоа, Шенгенскиот простор, во кој припаѓаат речиси сите членки на ЕУ, а дури и некои што не се членки, не предвидува веќе рутински контроли. Критериум за исклучокот е постоењето опасност за јавниот ред. Одлуката кога настапува ваков случај ја носи одделната држава. Според желбата на мнозинството ЕУ-влади тоа треба и да остане така.

ЕУ-министрите за внатрешни работи на вчерашната средба во Луксембург се изборија во причините за повторно воведување гранични контроли да се вбројат и бегалските бранови. 

Владите беа вознемирени прво од бегалскиот бран од северна Африка кон Италија, а сега проблематична е Грција, која не успева да ги обезбеди границите кон Турција. Бидејќи Грција е дел од Шенгенскиот простор, бегалците од Грција лесно можат да дојдат во другите држави на ЕУ.

„Состојбите на грчко-турската граница покажуваат потреба од јасен механизам за акција“, изјави австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер во Луксембург.

Државите се чувствителни на темата безбедност

Министрите затоа договорија механизам за итни случаи, кога „непредвидените прилики во целина го загрозуваат Шенген просторот без интерни гранични контроли“.

За германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих притоа е важно:

Spanien führt wieder Grenzkontrollen ein
Фотографија: dapd

„Правото на крајна одлука се разбира останува кај членките, затоа што ние сме одговорни за безбедноста на нашите граѓани“.

Основа за повторното воведување гранични контроли би требало да е препораката на Европската комисија и на ЕУ-министерскиот совет. Но, засегнатата држава не мора да се придржува на тоа. Фридрих го имаше мнозинството колеги на своја страна.

„Не можеме да прифатиме некој друг освен нас да решава за нашите гранични контроли“, истакна швајцарската министерка за внатрешни работи Симонета Сомаруга, чија земја, иако не е член на ЕУ, сепак е членка на Шенген просторот. 

Комисијата на изгубена позиција

Но, европската министерка за внатрешни Цецилија Малмстром не се согласува со ваквите ставови. Таа се жали на слабеење на Шенгенскиот простор.

„Ако поради исклучителни услови повторно се воведат гранични контроли, тоа мора да биде заедничка одлука во ЕУ, а не на одделна држава“.

Малмстром залудно се бореше последна инстанца да биде на европско ниво. Притоа постојано повторуваше дека досегашните бегалски бранови во ниеден случај не можат да се сметаат за загрозување на јавниот ред. Малмстром притоа гледа загрозување на нешто друго, имено, на слободниот проток на патници низ Европа преку злоупотребата на механизмот за итни случаи. „Шенген е европска придобивка“, која вреди да биде бранета, смета еврокомесарката.

Deutschland Polen Grenze frei Bus
Фотографија: AP

Европскиот парламент се заканува со тужба

Германскиот министер Ханс-Петер Фридрих има различно мислење. Кога членка на ЕУ не може да ги обезбедува надворешните граници на Унијата, треба да има солидарна помош од другите.

„Механизмот за итни случаи е нешто што се променува како крајна мерка, кога нема друг излез, како ultima ratio“.

Но, во суштина дилемата е - заедничка или поединечна одлука? Државите членки за почеток освоија победа при мерењето сила со Комисијата во врска со новите правила за Шенгенскиот простор.

Но, ова не е крај на песната. Членките на ЕУ можеби правеа сметка без крчмарот, Европскиот парламент. Тој се жали на недоволно учество во процесот на одлучување и се заканува со тужба.

„Предлагаме со ова да се зафати Еврпскиот суд на правдата“, изјави во Брисел Манфред Вебер од пратеничката група на Христијанските демократи. Вебер притоа има партиска книшка на Социјално-христијанската унија, како и германскиот министер за внатрешни работи Фридрих, што повторно покажува дека сопартијците на европско и национално ниво можат да имаат сосем различни ставови.