1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шиитите победија на изборите во Кувајт

ЖА/дв/дпа/афп/ртре2 декември 2012

Шиитското малцинство победи на парламентарните избори одржани вчера (01.12) во Кувајт. Сунитските опозициони групи ги бојкотираа изборите.

https://p.dw.com/p/16uRH
Фотографија: REUTERS

Државната изборна комисија ги соопшти денеска неофицијалните резултати од парламентарните избори во Кувајт, според кои шиитското малцинство е победник на изборите кои ги бојкотираше опозицијата.

Шиитските кандидати освоија 17 од 50 пратенички места во кувајтскиот парламент, на вторите избори во последните десет месеци, откако одбија да се придружат на повиците на опозицијата на бојкот на изборите.

Опозицијата, во која доминираат сунити, ги бојкотираше изборите поради изменетите изборни правила.

Шиитите сочинуваат околу 30 отсто од вкупно 1,2 милиони жители на Кувајт, а во претходниот состав на парламентот имаа седум пратеници.

Според Изборната комисија, сунитските исламисти кои во февруари имаа освоено 23 мандати, во иднина ќе бидат застапени само со четворица пратеници. Во новиот парламент ќе има три жени, наместо досегашните четири.

Излезноста на изборите според Изборната комисија изнесувала 38,8 проценти. Опозицијата својот повик за бојкот го оценува како успешен, при изборите во февруари излезноста беше околу 60 проценти. Опозицијата на изборите во февруари освои 36 од вкупно 50 пратенички мандати, но Уставниот суд го анулираше резултатот во јуни и го стави вон сила избраниот парламент. Владата потоа ги промени изборните закони, со што, според опозицијата изврши влијание врз исходот на наредните избори во своја полза. Опозиционите исламисти, националисти и либерали поради тоа решија да ги бојкотираат вчерашните избори. Во нивното предвечерје на протести излегоа над 15 илјади луѓе. Народот е незадоволен од корупцијата која владее во земјата и бара демократски реформи, во што спаѓа и ограничување на моќта на веќе 250 години владејачкото семејство на кралската куќа на емирот Ал-Сабах.