1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шинзо Абе избран за нов премиер на Јапонија

СН/ЖА/афп/апе26 декември 2012

58-годишниот Шинзо Абе, кој на функцијата ќе го замени досегашниот премиер Јошихико Ода, веќе беше шеф на јапонската влада во периодот 2006-2007 година.

https://p.dw.com/p/17920
Фотографија: Reuters

Парламентот во Токио денеска го избра Шинзо Абе за нов премиер на Јапонија. За Абе на вонредната седница на долниот дом на јапонскиот парламент гласаа 328 од вкупно 478 пратеници. Либерално-демократската партија на Абе по три години во опозиција извојува убедлива победа на парламентарните избори во Јапонија на 16 декември.

Абе во предизборната кампања вети дека ќе ја заживее јапонската економија која повеќе години наназад се развива со забавено темпо. Тој планира да ја поттикне конјунктурата меѓу другото и со инвестиции во јавниот сектор и во инфраструктурата . Во неговите политички цели се вбројува и намерата Јапонија повторно да има поголемо влијание на меѓународната сцена. 58-годишниот Абе веќе ја извршуваше премиерската функција меѓу 2006 и 2007 година. Кусо пред изборот на новиот шеф на владата, кабинетот на досегашниот премиер Јошихико Ода поднесе оставка. Неговата досега владејачка Демократска партија претрпе горчлив пораз на парламентарните избори. Многу граѓани меѓу другото ја обвинуваат дека потфрлила по атомската катастрофа во Фукушима. Инаку се очекува Абе брзо да ја состави новата влада. Медиумите во Јапонија претходно пренесоа дека новиот премиер ќе го назначи пратеникот од долниот дом на парламентот Фумио Кишида за шеф на дипломатијата.

Кишида, познат како „јастреб“, треба да ги стабилизира односите со Кина, клучен трговски партнер на Јапонија, и со американскиот сојузник Јужна Кореја, кои се засегнати од територијални спорови и војни. Исто така тој треба да го зацврсти сојузот на Токио со Вашингтон и да ги олесни ограничувањата, кои ги наложува пацифистичкиот устав на вооружените сили.