1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Широк дијапазон во американските пораки до Иран

Карстен Шмистер26 февруари 2007

Спротивставените гледишта можеби се намерно пласирани, како што е можна и едноставна неусогласеност. Ефектот е ист – се предизвикуваа несигурност кај противникот.

https://p.dw.com/p/Adsz
Дик Чејни, потпретседател на САД
Дик Чејни, потпретседател на САДФотографија: AP

Американскиот потпретседател Дик Чејни на прес-конференција при посетата на Австралија рече дека најрадо со дипломатија би го натерале Техеран на откажување од атомската програма, што досега не функционирало. Потоа уследи заканата: “Но, и јас, како и претседателот, секогаш нагласувавме дека и натаму ги задржуваме отворени сите опции”.

Меѓу нив и воената, тврди новинарот Сејмур Херш во магазинот “Њујоркер”. Според неговите, вообичаено многу сигурни информанти, во рамките на Министерството за одбрана веќе има работна група која подготвува конкретни “блиц-напади” со бомби врз Иран. Тие би можеле да бидат изведени во рок од 24 часови по евентуална наредба од претседателот Џорџ Буш, а со нив би требало паралелно да биде запрена и иранската подршка за востаниците во Ирак. “Веќе сега има многу агресивни активности преку границата. Уште од пред некое време американски војници се во лов на наши противници во Иран” – рече Сејмур Херш за телевизијата ЦНН (си-ен-ен).

Заблуда, оцени портпарол на Пентагонот. Министерот за одбрана Роберт Гејтс вели дека војна не е планирана. “Ние не бараме причина за да започнеме војна против Иран”.

Државниот секретар Кондолиза Рајс го предупреди Иран да не ја проценува погрешно ситуацијата, но акцент става врз преговори:

“Ним не им е потребен рикверц, туку треба да запрат. Потоа ние можеме да се вратиме на преговарачката маса и да разговараме како да одиме понатаму”. И во самиот Иран го критикуваат сопствениот претседател оти ја изолира земјата со политиката што ја води, нагласи Рајс.