1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Делат ли Шолц и Макрон иста визија за Западниот Балкан?

БГ
10 мај 2022

Германскиот канцелар Шолц и францускиот претседател Макрон на прес-конференција во Берлин ги изложија своите визии за иднината на ЕУ и за проширувањето. Согласни се дека блокадите мора да престанат.

https://p.dw.com/p/4B50D
Deutschland I Frankreichs Präsident Macron trifft Bundeskanzler Scholz in Berlin
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц во БерлинФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Остануваме на нашите ветувања за проширувањето на ЕУ“, порача германскиот канцелар Олаф Шолц на понеделничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон во Берлин. Двајцата лидери посветија голем дел од конференцијата на објаснување на новите идеи за „Европска политичка заедница“ на Макрон- концепт кој е прифатлив и за Шолц, но притоа потенцираа дека тоа нема влијание врз актуелните обиди да се надминат блокадите на одредени земји-членки на ЕУ (Бугарија) на процесот на проширувањето. Сепак, остана нејасно дали Берлин и Париз делат иста позиција околу иднината на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ.

„Блокадите кои постојат во моментов мора да се надминат во духот на европската одговорност и во духот на геостратешкиот разум“, порача канцеларот Шолц, алудирајќи на блокадата на проширувањето. Притоа тој не ја спомена директно Бугарија, која последниве две години со ветото за Северна Македонија, истовремено ја блокира и Албанија на европскиот пат.

На истата тема, Макрон за јуни најави самит со земјите од Западниот Балкан кој треба да се одржи кусо пред самитот на ЕУ во рамките на француското претседателство. 
„Тесно соработуваме за да овозможиме надминување на актуелните спорови и да ја поставиме европската агенда и за земјите од Западниот Балкан“, рече Макрон. 
Србија и Црна Гора досега единствени од државите на Западниот Балкан успеаја да ги започнат пристапните преговорите со ЕУ. Северна Македонија и Албанија се во чекалната веќе подолго време иако се на чекор до таа цел, додека Босна и Херцеговина и Косово сѐ уште не го започнале патот. По претставувањето на идејата за „Европска политичка заедница“, за нив се постави прашањето за натамошната перспектива. 

Ново „привилегирано партнерство“? 

Макрон смета дека на оние земји кои веќе ги започнале преговорите за полноправно членство треба да им се овозможи да го завршат процесот, но за останатите не беше толку одреден.
„Ова прашање се поставува за сите оние кои се уште не го започнале овој пат, како на пример Босна и Херцеговина или други земји од Западниот Балкан. Ова прашање се поставува за Украина, но можеби и за други земји, кои со децении се занимаваат со овие прашања“, рече Макрон. 

Идеите на францускиот претседател имаа своја премиера во понеделникот во неговиот говор пред Европскиот парламент во Стразбур. Агенцијата Ројтерс оценува дека проектот потсетува на „привилегираното партнерство“ кое своевремено и беше нудено на Турција како замена за полноправно членство. Во Франција од поодамна со задршка се гледа на натамошното проширување на ЕУ која веќе брои 27 земји-членки.

Frankreich | Abschluss der Konferenz zur Zukunft Europas in Straßburg
Францускиот претседател Емануел Макрон во СтразбурФотографија: Ludovic Marin/REUTERS

Проектот на Макрон би можел да води кон судир со Германија која, иако начелно ги поддржува идеите за реформи, не се согласува да им се одземе перспективата за полноправно членство на земјите од Западниот Балкан. Шолц тоа јасно го порача на заедничката прес-конференција кога потврди дека за регионот останува ветувањето за ЕУ перспектива, но и директно ја спомена Северна Македонија како пример зошто тоа е важно.

„Јасно е дека тоа не смее и нема да не спречи да го унапредиме она што го започнавме, поточно да ги овозможиме процесите на проширување на кои толку долго работевме“, рече Шолц. 

„Ова особено се однесува на земјите од Западен Балкан, за кои веќе зборувавме. Многу од нив веќе направија многу далекусежни подготовки и донесоа храбри одлуки. Оваа храброст мора да биде наградена во одреден момент. Сакам тоа да го апострофирам на примерот на Северна Македонија. Таму имаше многу храбри политички лидери кои се осмелија да направат чекори кои ќе овозможат да започне процесот на пристапување - и ние треба да најдеме начин да не ја разочараме таа храброст“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема