1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија мора да продолжи да штеди

Ралф Бозен/ Александра Трајковска 30 март 2012

На шпанската влада и‘ претстои жешка пролет. И покрај тоа што гневот на населението околу програмата за штедење расте, владата планира натамошни кратења. Синдикатите реагираа со генерален штрајк.

https://p.dw.com/p/14VD5
Фотографија: AP

Шпанскиот премиер Мариано Рахој денеска официјално ќе го претстави предлог буџетот за наредната година. Речиси сигурно се смета дека ќе има големи кратења, оти земјата изминатата година направи повеќе долгови од планираното. Затоа владата во Мадрид, според волјата на Комисијата на ЕУ дефицитот од минатата година од 8,5 проценти од брутодомашниот производ треба да го намали на три проценти во 2013. година. Рахој пред усвојувањето зборуваше за „еден многу истенчен буџет“. Изјава која звучи безначајно со оглед на фактот што конзервативниот политичар наредните две години мора да заштеди околу 60 милијарди евра.

Ременот треба уште повеќе да се стегне

Со буџетот за 2012. година преку покачувањата на даноците, кратењата на платите и кратењата во јавните служби треба да се соберат најмалку 35 милијарди евра. Со тоа би се реализирало нешто повеќе од половина од зацртаната цел за штедење. Државните службеници и даночните обврзници мора да очекуваат стегање на ременот. Во игра е многу. Доколку четвртата по големина економија во Еврозоната не успее да ги стави под контрола долговите, се заканува опасноста кризата да излезе од контрола. Со оглед на тоа што шпанското стопанство е двојно поголемо од ирското, грчкото и португалското заедно, европските спасувачки чадори би можеле да бидат преоптоварени.

Spanien Mariano Rajoy Konservative Partei
Премиерот на Шпанија Маријано РахојФотографија: AP

Страв од социјален пад

Заштедите во буџетот се дел од опсежен пакет реформи, кој претставува вистински тест за социјалниот мир во земјата. Пред само неколку недели во повеќе градови илјадници луѓе излегоа на улиците. Откако Шпанците на претходните протести се држеа дисциплинирано, овојпат во Барцелона и Валенсија дојде до насилни судири. Сето тоа се знаци дека постои страв оти големи делови од населението ќе бидат опфатени од економски и социјален пад и дека „вонредно агресивната реформа“, како што ја означи министерот за економија Луис де Гиндос, ќе ја промени општествено земјата.

Studentenprotesten in Spanien
Шпанската полиција употребува гумени палки при демонстрации во БарцелонаФотографија: dapd

Сржта на реформската програма се значителните промени на пазарот на трудот. Кон ова се вбројуваат побрзо доделување отказ и поголема флексибилност за претпријатијата. Во образовниот и здравствениот сектор исто така се укинати работни места како и во јавниот сектор. Реформата предвидува и даночни олеснувања за претпријатијата, кои отвораат работни места, и пробен период од една година, кога работниците можат да бидат отпуштени без отпремнина.

Министерот за финансии Де Гиндос ја најави реформската програма со укажувањето дека треба да се отвораат работни места особено за младите. Но, токму младите луѓе се тие кои протестираат против плановите. Сепак, и покрај сета критика и несигурност шпанската влада ќе мора да се држи на курсот за штедење, во поинаков случај е загрозена нејзината веродостојност кон ЕУ и финансиските пазари.

Највисока невработеност во ЕУ

Само пред неколку години Шпанија важеше за туристичка дестинација, која доживува бум. Но се случи крах на пазарот на недвижнини и економијата доживеа пад. Земјата до денес не се опорави од овој удар. Заглавена е во длабока економска криза, поради која банкротираа илјадници фирми. Многумина гледаат во неизвесна иднина. Со рекордни 23 проценти невработеност (5,3 милиони) Шпанија бележи највисока невработеност во ЕУ. Кај младите под 25 години речиси 50 отсто се без работа, и се очекува продлабочување на ваквиот тренд. Не е ни чудо, што во последните месеци се‘ повеќе млади Шпанци среќата си ја бараат во странство.

ARCHIV Spanien Arbeitslose in Madrid
Невработени чекаат во Завод за вработување во ШпанијаФотографија: picture alliance/dpa