1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанка гласа во Германија за солидарна Европа

Николас Мартин/ Симе Недевски22 септември 2013

Врз исходот на изборите за Бундестагот можат да влијаат и три милиони граѓани, кои за првпат можат да го искористат правото да гласаат. Меѓу нив се и оние кои во периодот по минатите избори добија германско државјанство.

https://p.dw.com/p/19lJL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Антиа Мартинез Амор е ТВ-репортерка. Родена е во Шпанија, а веќе 10 години живее во Германија.

Првобитно планирала пократок престој, колку за да научи германски, но остана засекогаш. Од неодамна доби и државјанство и на овие избори за Бундестагот прв пат смее да гласа.
„Многу се радувам дека по 10 години за прв пат смеам да гласам. Во суштина тоа е една од главните причини зошто земав германско државјанство. Со мојот глас сакам да постигнам европската политика да стане посолидарна.“

Ова е нејзиното омилено кафуле. Градот Келн стана втор дом за оваа 34-годишна жена. Меѓутоа контактот со семејството во Шпанија таа никогаш не го прекина. Овојпат разговара со братучедот и две братучетки.

Screenshot Europanorama
Антиа Мартинез АморФотографија: DW

Големата невработеност и острите мерки за штедење во Шпанија се често тема на нивните разговори.

Во заедница сите треба да се исти

Нејзиниот братучед Мигел штотуку ги заврши студиите, но поради економската криза нема да може лесно да најде работа во Шпанија. Поради тоа 27-годишниот инженер размислува да замине во странство.

„Сметам дека токму таа генерација меѓу 20 и 30 години е загубена генерација. Кризата ги погодува од сите страни. Не добиваат шанси, нема пари - земјата е во лоша состојба и тоа е тажно.“

Антиа не открива за која партија се определи, но со својот глас сака да придонесе кризните земји да не мораат уште повеќе да штедат - оособено не во образованието и во здравството.

„Ми пречи тоа што чувствувам дека по малку се губи чувството на заедништво. Силен е трендот во насока - ние сме богати и затоа го имаме последниот збор и за вас, кои сте сиромашни. Факт е дека Германија има повеќе пари и повеќе уплаќа во заедничката каса, па поради тоа смее да одлучува што ќе се прави со тие пари. Но, ако сме заедница, тогаш сите сме исти и тоа некако се губи во овој момент.“

Глас за Германија и за Шпанија

Symbolbild Bundestagswahl 2013 Wahlkabine
Фотографија: picture-alliance/dpa

Но која германска партија ги застапува нејзините интереси? Таа побара совет од Томас Трагут, стручњак за европска политика. Тој работи на Универзитетот во Келн. Европските финансии се област во која истражува.

„ЦДУ и ЦСУ и натаму ќе бидат за штедење. Во тој круг припаѓаат и либералите, оти такви се сосем јасните економски критериуми на партијата. Социјалдемократите, Левицата како и дел од Зелените со сигурност не се толку за политика на штедење.“, објаснува Трагут.

Но Европа во кампањата играше споредна улога. Решавањето на актуелните проблеми и сраснувањето на Европа бараат повеќе време и не се погодни како предизборна тема.

„Да, тоа се навистина промени, кои честопати можат да траат и цела генерација. Имавме пример во Германија - пристапувањето на 5-те нови покраини по повторно обединување на земјата. Видовме колку долго трае, дури и во многу добри економски услови, додека покраините да се изедначат, да се пронајдат заеднички структури, да се најде консензус.“ Антиа сака да го даде својот глас - за Германија и за Шпанија.

„Немам големи надежи дека мојот глас нешто ќе смени во европската политика, оти мислам дека поголемиот број Германци не ги занима таа тема. Верувам дека сум меѓу ретките кои тоа го сакаат. Но, не е битно, бидејќи тоа е мој глас и мој прв чекор, а за 4 години можеби ќе биде поинаку.“