1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанските пензионери работат на црно

Норман Штригел / Александар Методијев9 ноември 2013

Опаѓањето на наталитет и зголемувањето на животниот век во Европа ги притискаат пензиските системи. Затоа во многу земји се крева возраста за одење во пензија - од оваа година официјално и во Шпанија.

https://p.dw.com/p/19xFT
Фотографија: DW

Во последните седум години за една четвртина е зголемена бројката на Шпанци кои работат и по 65. година и денес изнесува 122.000. Притоа многумина воопшто не се појавуваат во статистиката, бидејќи тие тајно продолжуваат да работат.

75-годишниот земјоделец од Кастилја, со кого зборувавме, одамна е на пензионерска возраст. Тој не сака да биде препознаен, оти продолжува да се занимава со земјоделство, односно одгледување сончогледи, иако добива пензија, што е незаконски.

„Пензијата е недоволна за живот. Со нешто повеќе од 500 евра сметам дека никој не може вистински да живее, освен ако го бива за нешто и гледа и натаму да работи, па така малку да ја надополни пензијата“, вели пензионерот.

Како земјоделец тој заработува уште петстотини евра, покрај пензијата. Но, со оглед на возраста, се’ потешко му е да работи. Не му се исплати да ангажира помошни работници, а синовите му живеат во оддалечениот Мадрид.

Земјоделците немаат избор

Шпанското земјоделство се карактеризира со бројни мали земјоделски имоти. Речиси еден милион пензионери некогаш беа земјоделци. Многумина од нив едноставно и натаму работат. Ништо друго и не им преостанува. Синдикатите одамна бараат повисоки пензии за земјоделците.

„Работите веќе не се како пред дваесет години. Тогаш луѓето на село излегуваа на крај и со многу помалку пари. Тие сега имаат помалку или повеќе исти потреби како луѓето во голем град“, вели синдикалецот Хозе Марија Фреснеда.

Rentner in Spanien
Државата дозволува - ако се откажат од половина од пензијата, пензионерите ќе смеат дополнително да заработуваатФотографија: DW

Антонио, другиот пензионер со кого зборувавме, сосема се откажа од малата државна пензија. Тој живее од приходите од одгледување на говеда. Но, 67-годишникот на крајот плаќа голема цена за тоа.

„Некогаш човек не спие цела ноќ, ако на пример некоја крава се тели. Чистење на шталата, ставање сено - има толку многу работа. Се нема слободно време. Ова е моја фирма и морам да гледам се’ да врви како треба“, вели говедарот Антонио Мигел Карбајо.

Тој сака еден ден својата фарма да им ја предаде во добра состојба на синовите. Поради тоа Антонио особено се напрега. Тој е страсен земјоделец - друга работа никогаш не можел да си замисли.

Виновници - кризата и секторот со ниски плати

Многу земјоделци во Шпанија работат до длабока старотст. За некои тоа е кобно. Работата, посебно со големите машини, не е безопасна. Само во една недела загинаа четворица земјоделци, сите на пензионерска возраст.

Одговорна за тоа е и должничката криза. Пензискиот фонд е тукуречи празен. Шест милиони невработени не уплаќаат придонеси, а државата го испразни резервниот фонд за да отплати рати од долговите. Но, има и една сосема поинаква причина за мизеријата со пензиите, укажува Сантос Руезга, советник на владата.

Alter Mann in Spanien
Многу пензионери се решаваат за работа на црноФотографија: picture alliance/Fabian Stratenschulte

„Познатиот шпански економски бум доведе до раст во секторот на ниски плати. Оние кои од крајот на 90-те години беа вработени и почнаа да уплаќаат за социјално осигурување, во најголем дел беа лошо платените градежни работници“, вели владиниот советник Руезга.

Државата реагира и сака да ги награди пензионерите кои продолжуваат да работат. Ако се откажат од половина од пензијата, ќе смеат дополнително да заработуваат. Одгледувачот на сончогледи од Кастилија се’ уште одмерува дали му се исплати понудата. Така би можел како пензионер сосем легално да работи.

„Тоа е некој излез. Оти, ако ми ја одземат работата, ќе ме турнат во сиромаштија“, вели анонимниот пензионер.

Од страст или поради нужна потреба - многу Шпанци продолжуваат да работат до поодмината старост. Во земјата на безработицата е привилегија да се работи. Кој има работа - не се откажува од неа.