1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шрамајер: Бугарско-македонскиот спор е апсурден

Емилијан Лилов/Борис Георгиевски18 јануари 2013

Германскиот дипломат и екс-амбасадор во Скопје и Софија, Клаус Шрамајер за ДВ говори за бугарско-македонскиот спор, кавгите околу историјата и патот напред за двете земји.

https://p.dw.com/p/17Lo3
Фотографија: DW

Клаус Шрамајер е долгогодишен германски дипломат и познавач на балканскиот регион. Во периодот од 1990. до 1996. година е претставник на Германија во Софија, а од 1996. до 1999. година и германски амбасадор во Македонија. До 2011. година беше и член на претседателството на Друштвото за соработка со Југоисточна Европа. Со него разговараше Емилијан Лилов од бугарската редакција на ДВ.

ДВ: Веќе со години кавгата меѓу Македонија и Бугарија околу историски прашања ги оптоварува односите меѓу двете земји. Кој има право во овој судир и што би им советувале на двете страни?

Шрамајер: Тука не се работи за право. Кавгата околу историјата не може да се реши на ниво на правото. Не се работи ни за тоа кој има право, туку едноставно за разум. Се работи за заеднички живот на браќа по крв кои се разделиле. Токму затоа е и разделбата толку вжештена. Особено доколку имате во предвид вжештени глави како Божидар Димитров кој издава книги под наслов: „Десетте лаги на македонизмот“.

На обете страни на сцена се провинцијални тврдоглави кариеристи. Ни едните ни другите немаат државници со визија за иднината на двете земји, за регионот или за Европа.

Се работи за трауми, чувствителност, комплекс на помала вредност, накусо - невропатологија.

Можеби се работи делумно и за бугарските Сан-стефански трауми, бугарската „Мегало идеја“. Софија се’ уште се занимава со бугарскиот карактер на Македонците, кои биле одвлечени од вистинскиот пат од Коминтерната. Софија се надева дека ќе го врати ова „изгубено стадо“ на вистинскиот пат. Се’ додека постојат овие илузии и додека се слави 3. март како национален празник во Бугарија, односите нема да се подобрат.

Улога игра и ароганцијата, пред се’ од бугарска страна. По незаслужениот влез во ЕУ, односот на Софија кон Скопје е поостар и поарогантен. „Црвените линии“ од 1944. кои ги постави министерот за надворешни работи Младенов се бизарни. Борисов го предупредува Скопје да не ја краде бугарската историја. Кој и‘ дава право на Софија да говори за историјата, како таа да има монопол врз неа? Тоа е историски шовинизам.

Boiko Borisov Bulgarien Premierminister
Бојко БорисовФотографија: AP

Точно е следното: дека постои повеќевековна заедничка историја која треба заеднички да се анализира и да се интерпретира. Но за тоа никој нема волја. Несфатливо е зошто тоа не им се остави на историчарите од обете страни? Или уште подобро, зошто не се поканат странски историчари?

ДВ: Зошто токму сега повторно се распламти овој судир?

Шрамајер: Не знам. Целата ситуација е апсурдна. Бугарија беше првата земја која ја призна независна Македонија. Од 1992. година Софија му помагаше на Скопје. Поранешниот претседател Жељу Жељев го убеди и (поранешниот руски претседател Борис, н.з.) Јелцин да ја признае Македонија, а веројатно успеа и да го осуети српско-грчкиот план за нејзина поделба. Софија потоа помагаше и за време на тешкото ембарго од Грција.

Bulgarischer Ex-Präsident Zhelju Zhelev
Жељу ЖељевФотографија: dpa

Можеби се работи за дел од внатрешно-политичката предизборна борба во која владејачката ГЕРБ сака да им го преземе гласачкото тело на националистите од Атака и од ВМРО. Можеби на овој начин се сака да се сврти вниманието на јавноста од бројните скандали во Бугарија во последниот период?

ДВ: Во Софија, македонското однесување се смета за провокација. Претерани или не, сепак тензии меѓу двете земји постојат.

Шрамајер: Софија е постариот брат кој понекогаш треба да ги прости палавостите на помалиот брат, наместо да реагира на секоја грешка. Точно е дека однесувањето на Скопје не е секогаш мудро, рационално и деескалирачко. Но тоа се повеќе дела на екстремисти (како повторното уривање на споменикот на Мара Бунева) отколку некаква владина политика.

Софија не треба да ја заборави психолошката состојба на нејзиниот сосед кој уште од независноста е незаконски дискриминиран од Грција во однос на спорот за името. Уште од самитот во Гимараеш во 1992. година до денес, ЕУ, па и целиот западен свет ја поддржува Атина во спорот за името. Македонија беше тешко погодена од ембаргото, а подоцна и не беше вистински наградена поради поддршката за НАТО во косовскиот конфликт. Промената на знамето и измените во Уставот дополнително го нарушија фрагилниот македонски идентитет. Притоа Скопје е со години изолирано, без негова вина.

Сите овие неправди во Македонија предизвикуваат отпор, но истовремено провоцираат и едно патолошко чувство на помала вредност, кое сега се компензира со антиквизирачкиот национализам преку проекти како Дизнилендот „Скопје 2014“ и други ексцентричности.

Proekt Skopje 2014
Скопје 2014Фотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Има ли некој интерес овој судир да продолжи понатаму?

Шрамајер: Никој. Пред се’ жално е што не се земаат предвид успешните европски модели на помирување како германско-францускиот или германско-полскиот, и покрај тоа што Софија постојано се повикува на европскиот дух.

Од друга страна, постојат шпекулации дека бугарската мафија (која во меѓувреме воспостави исто толку добра мрежа во Македонија како и во Бугарија) нема интерес за влез на Македонија во ЕУ. По влезот на Бугарија ним им стана јасно колку е проблематична контролата од Брисел и сакаат тоа да го избегнат и во македонскиот случај.

ДВ: По грчкото вето, се надвиснува ли опасноста Македонија да продолжи да тоне во изолација, што би ја ставило во групата земји без јасна европска иднина како Молдавија, Украина или Белорусија?

Шрамајер: Оваа опасност е голема и веќе е видлива (со таа разлика што соседот не се вика Русија). Кусогледоста на Софија тука игра голема улога. Тоа е уште попроблематично за Бугарија затоа што ниту една земја не може да напредува без соработка со просперитетни соседи.

Неверојатно е жално што македонското прашање за кое долго верувавме дека е закопано, повторно испливува на овој начин, а волците од соседството повторно завиваат. Фалат уште Србите, но тие за среќа имаат други проблеми.